Издржливоста на пирејот
ИЛО ТРАЈКОВСКИ
Предлогот за етничка графа во личните карти ги стави на иста страна двете најголеми партии. СДСМ го поддржува овој проект од стратегиски, а ВМРО-ДПМНЕ од тактички причини. Демократската јавност жестоко ги брани граѓанско-либералните идеи и уставни норми
Повеќе општествени случувања во последно време ми ја навртувааат размислата на прашањето на издржливоста. Оваа идеја од почетокот на 21. век се користи во многу различни области. До пред дваесеттина години неговата употреба беше главно ограничена на промислувањето на физичкиот или материјалниот свет. Тука издржливоста се сфаќа како својство на материјалните предмети и инфраструктурните објекти да ја одржат својата форма после некој претрпен шок. Да ја вратат својата првобитна форма по деформациите кои настанале поради одредени притисоци. Издржливоста значи истовремено еластичност или растегливост или отпорност на деформации. Деформациите настануваат, но телото има способност да си ја поврати својата суштина, својот идентитет по престанувањето на шокот или притисокот.
Општествените случувања во текот на последните дваесеттина години придонесоа оваа идеја да се пренесе и во општествените науки. Бројните ризици со кои се соочуваат современите општества придонесоа за различни концептуализирања на истата во економијата, социјалната психологија, социологијата и политикологијата и други науки. Значајни меѓународни организации градат свои концепции за оваа идеја. Така, на пример, Европската комисија во својот документ „ЕУ пристап кон издржливоста“ ја дефинира како „способност на единка, домаќинство, заедница, земја или регион да се одржи, да се прилагоди и брзо да се поврати од некој стрес и шок“. Соочени со фактот дека во вакви флуидни и ризични околности ничија засебност и иденитет не се гарантирани општествените чинители дефинираат и конкретни индикатори преку кои ги следат таквите способности. Во таа насока е и оваа размисла за нашата издржливост.
Најпрво, сѐ поприсутната опасност од заразување со Ковид-19 ме тера да се прашам дали ќе издржам. Всушност, се прашуваме дали мојот имун систем ќе ги издржи сѐ понеизбежните и поризични средби со вирусот. Потоа, информациите за негативните економски ефекти од пандемијата ме тераат да се прашам дали и до кога ќе издржи државата. При сѐ помали буџетски приливи веќе една година државата го плаќа јавниот сектор да ја ужива привилегијата за работа од дома, без евидентни проблеми. Згора на тоа, државата се подготвува за петтиот пакет мерки за помош на економијата, а јавниот долг расте. Секако се прашувам, исто така, дали владата ќе издржи под притисокот поради неотпочнувањето преговори со Европската унија и покрај жртвувањето на името. Во врска со тоа се прашувам и дали ВМРО-ДПМНЕ ќе издржи да не се распадне поради неуспехот да изгради стратегија за пост-преспански македонизам?
Но, ниту едно од овие прашања не ме втурна толку силно во проблемот со издржливоста како идејата за внесување на графа за етичката припадност во личната карта! Оваа идеја го актуализира прашањето за издржливоста на македонското општество како цело. Да, тоа има акумулирано доволно искуства со тестови на издржливост од различен вид. Помина многу такви. Дали ќе го помине и овој?
Некои движења во врска со овој проект алармираат дека овој пат самиот ѓавол дошол по своето. Во многу поранешни кризни ситуации општеството опстануваше благодарение на неединството и разидувањето меѓу двете главни политички партии (вмро-дпмне и сдсм). Во такви ситуации кога нивните меѓусебни разидувања и конфликти ескалираа на припомош прискокнуваа надворешните фактори. Тие многу пати се покажаа како позаинтересирани за јакнење на индикаторите на издржливоста на државата од домашните чувари.
Но, овој актуелен случај е посебен. Тука издржливоста не е доведена во прашање под притисок на неединството, туку обратно, на консензусот. Двете партии јавно се искажуваат во прилог на едно решение кое за сите „нормални“ политички чинители дома и надвор е погубно! Што е во прашање?
Може да претпоставиме дека сдсм го поддржува овој проект од стратегиски, а ВМРО-ДПМНЕ од тактички причини. Првите ветиле во интерес на долгорочно коалициско владеење. вмро оценувајќи дека противникот не може да го оствари ветеното калкулира. За да не загуби некој иден коалиционен партнер ја поддржува етнизацијата на личните карти. Така, и едните и другите, заради одржување или јакнење на нивните коалициски капацитети ја ставаат во залог иднината на општеството.
Критичката демократска јавност реагира жестоко. Таа ги брани граѓанско-либералните идеи и уставни норми. Тоа секако е силна брана против најновиот етнокомунитаристички тест на издржливоста. Но, дали тоа ќе биде доволно уште еднаш да се потврди на издржливоста и отпорноста на пирејот? Се сомневам. Нивната моќ е лимитирана и освен во сферата на граѓанската јавност нема влијание на нивоата на кои оперираат политичките партии, а таа самата нема свој политички артикулар.
(Ило Трајковски е универзитетски професор)