Избувнувањето на повеќе пожари во исто време не е случајност, вели Ангелов

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов останува на ставот дека негова перцепција е оти избувнувањето на пожарите не е случајност и оти се работи за хибриден напад на Владата.
-Од разговорот со сопствениците на „Ф Групација“ во чиј објект со електронски отпаден материјал во Трубарево вчера избува пожар беше укажано оти настанување на пожар во ваков обем бара сериозен напаор. Самозапалувањето не почнува со толку силен интензитет. Вчера во исто време имавме два пожари. Еве да претпоставиме едниот случајно да избил, но два пожари во исто време веќе не верувам дека се случајност, рече Ангелов на денешната прес-конференција во Владата.
Како што рече, се започнало со Вардариште и кога тоа го средиле и престанала да гори дивата депонија, а чадењето било сведено на минимум и безмалку да го немало, се запалила Дрисла.
-Пред два три дена се запали и депонијата во Шутка, а вчера се запали овој отпад електронски отпад. Значи премногу случајности. Јас во нив не верувам. Имам право да се сомневам, но, морам да укажам дека е многу тешко да се докаже. Ако отидете на лице место, ако некој подметнал пожар трагите изгореле во него. Тоа е нашиот основен проблем. Тешко се докажува, бидејќи ако и некаде воопшто имало камери и тие изгореле. Затоа велам дека мојата перцепција е оти се работи за хибриден напад. За мотивите може да погодуваме, но во средина на септември да има вакви тешки пожари едноставно е неочекувано или невозможно, рече Ангелов.
Додаде дека и при пожарот во Дрисла кога луѓето дошле на лице место по неколку минути линијата на пожарот била подолга од 50 метри, потенцирајќи, оти било невозможно, кога би станувало збор за самозапалување, тој да има таков обем и динамика. Тоа, вели, се случило и вчера.
Нагласува дека и многу од пожарите што се случија летово биле подметнати, и оти во одредени случаи нашле запалени гуми или палети кои мирисале на безнин.
-За повеќе пожари најдовме докази, иако тешко се обезбедуваат докази кои што би биле издржани на суд затоа што тие горат заедно со пожарот. Во една прилика кога објавив фотографија од 30-тина гуми автомобилски тие не беа ставен на куп да бидат запалени врз тревата, туку на повеќе места. Тоа е еден од методите, се премачкува гумата со бензин, се пали, се пушта да се тркала по удолница. Таа влегува во шумата удура во дрвата и по некое време некаде сопира и продолжува со горење, потенцира директорот на ДЗС.
Вчера посочи имало и пожари на отворено во Велес и Пробиштип. Порарот на Пониква, посочи, брзо го изгаснале пред да се прошири во шумата. И за него вели, има основано сомневање дека бил подметнат.
Ангелов очекува во текот на денот чадењето од пожарот во Трубарево да биде намалено или пак целосно сопрено. Вели дека повеќе од половината е затрупан со песок, кој според совети од стручни лица, се држи воден, за да престане чадењето.
-Има камиони кои носат песок, со кој со механизација се затрупува пожарот. Има доволно механизација и кога би имало повеќе возила не би можело да се работи, затоа што станува збор за локација со потесни улици и потежок е пристапот, рече Ангелов на денешната прес-конференција во Владата.
Додаде дека за полесно да пристапат до локацијата бил направен насип на канал за да може да се движат возилата за локализирање и гаснење на пожарот.
Смета дека било направено се што е потребно и оти оптимално биле искористени сите ресурси. За гаснење на електронскиот отпад била побарана и помош од ОКТА и ТАВ Македонија, кои, како што рече, обезбедиле пена за гасење и ЦУК. Пожарот го гаснеле скопски пожарникари, БТР возила, армиски и полициски хеликоптер и еден ер-трактор. Сето ова, нагласи Ангелов, овозможи пожарот да не се прошири и да зафати уште дав – три објекти во кои имало пластичен отпад.
Ангелов не сподели информации за тоа какви и колку штетни материи има во воздухот, истакнувајќи дека утрово тие секако се помали од вчера и оти „колку сте поблиску до местото на пожарот, толку загадувањето е поголемо“. Најави дека надлежните институции во текот на денот ќе излезат со прецизни информации од извршени мерења.
Со оглед оти станува збор за локација која е на граница со населено место, на населението му беше препорачано да се евакуира, особено она што било во круг од околку 100 до 150 метри од локацијата на пожарот. Ангелов нема информација дали и колкав број од населението што е во близина се евакуирало на други локации.
На новинарско прашање дали имало камери и обезбедување на опожарениот објект, директорот на ДЗС истакна дека не знае дали имало камери, но и оти ако имало тие изгореле во пожарот.