Избрана владата на Димитар Ковачевски, тој ја повика опозицијата на соработка
„Доаѓа ново време. Доаѓа подобро време“, рече во своето кусо обраќање премиерот Димитар Ковачевски. Владата беше избрана со 62 гласа „за“
По дводневна дебата, во која немаше толку жестоки настапи како во претходните вакви случаи, Собранието вечерва ја избра новата македонска влада, чиј премиер е Димитар Ковачевски, а во која освен СДСМ заедно со коалицијата околу него и ДУИ, влезе и Алтернатива. За новата влада гласаа 62 пратеници, а против 46. Немаше воздржани.
Пред гласањето мандатарот Ковачевски имаше кусо обраќање пред пратениците во кое тој ја повика опозицијата на заедничка работа за клучните прашања на земјата.
„Искрено верувам дека опозицијата ќе биде конструктивна при носењето на законите“, рече Ковачевски.
Тој одговори на критиките околу легитмитетот и негов и на новата влада: „Легитимитетот е неспорен. Избори ќе има, но во 2024 година“, рече тој.
Ковачевски најави дека веќе од утре на седница на владата ќе почне решавањето на важните работи поврзани со енергетската криза. Тој најави дека секој министер и целата влада во целина ќе имаат прецизен план за работа со рокови и индикатори за следење на реализацијата.
Премиерот изјави дека се радува на средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков во вторник, а дека утре ќе се сретне со германската министерка за Европа, Ана Лирман, која ќе дојде во Скопје.
„Доаѓа ново време. Доаѓа подобро време“, го заврши своето кусо обраќање премиерот Димитар Ковачевски.
Во новата влада министерка за одбрана ќе биде Славјанка Петровска, министер за надворешни работи Бујар Османи, министер за правда Никола Тупанчевски, министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, а вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ. (Н.В.)