Изборната реторика меѓу разурната куќа и бетониран идентитет

Со митинзи во главниот град, претседателските кандидати на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски, во текот на викендот ја заокружија втората седмица од кампањата пред првиот изборен круг. До гласањето на 21 април остануваат шест дена, од кои само уште четири ќе можат да се искористат ефективно за претставување на кандидатите пред гласачите, по што почнува изборниот молк.
Кандидатот зад кој застанаа Алијансата и Беса – Блерим Река, пак, за време на викендот, се претстави пред гостиварци, а вчера беше и во Желино, додека Пендаровски во саботата беше во Струмица, а Силјановска во неделата имаше претставување пред велешани. На централните митинзи, кандидатите посебно ги истакнаа своите аргументи поради кои сметаат дека треба да добијат поддршка од граѓаните. Силјановска особено го акцентираше тоа дека е време Македонија да добие жена за претседател, додека Река смета дека се созреани условите за претседател Албанец. Наспроти потенцирањето на Силјановска на родовата припадност и на Река на националната, Пендаровски за свој адут го смета тоа што е прв кандидат поддржан од партии на сите етнички заедници во земјава.
Силјановска, исто така, инсистира дека е потребно да се обезбедат контрола и баланс во извршната власт, со тоа што претседателот би бил од редовите на опозицијата. Но од друга страна, таа посакува нејзината (евентуална) победа да биде вовед во предвремени парламентарни избори кои би значеле смена на власта, што во практика би значело повторно ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе целата извршна власт. Наспроти тоа, Пендаровски ветува дека ако биде избран на функцијата ќе обезбеди континуитет на политиките за целосна интеграција на земјата во НАТО и во ЕУ. Според него, Силјановска не сака да биде претседателка на државата, туку сака да стане наследник на политиките на Ѓорге Иванов кој, пак, според премиерот Зоран Заев, сите овие години, практично, и како да не бил претседател.
-Со победата на Пендаровски, нашата држава, по цели десет години, конечно ќе добие претседател, оцени Заев на вчерашниот митинг пред седиштето на ЕУ-Инфоцентарот во Скопје.
На централниот митинг на владејачката коалиција се обрати и вицепремиерот Бујар Османи, како претставник на ДУИ. Тој објасни зошто СДСМ и ДУИ митингуваа токму на оваа локација – за амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар, како што рече, да излезе на тераса и да го види заедништвото кое е срж на нашето општество, кое ја покажува вистинската слика на Европа на Балканот и е доказ дека се движиме на вистинскиот пат.
И додека владејачките претставници на митинзите се фалат со реформите што ѝ го обезбедија местото на земјата на масата на НАТО и ги подгреваат очекувањата за добивање почеток на преговори со ЕУ во јуни, Силјановска смета дека на Македонија ѝ се потребни радикални реформи за, како што рече, да не остане закопана во транзицијата. На митингот пред зградата на Владата, таа го обвини кабинетот на Заев за катастрофалното две и полгодишно владеење, посочувајќи дека, наместо подобар живот, реформи, демократија, владеење на правото, борбата со корупцијата и криминалот, битка со непотизмот и европеизација – единствено е променето името на државата. Според кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, парламентот е во рацете на 80 пратеници кои само креваат раце и потврдуваат донесени одлуки во Владата. Претседателот, како што рече, е целосно анулиран при склучување на меѓународни договори.
-Тие го склучија Преспанскиот договор во име на безимена земја. Не смееме да им оставиме простор за повторни византиски парламентарни игри зашто ако нема цензус од 40 проценти, ќе си го сменат Уставот. И ќе се решат претседателот да се избира во Собранието, со политички пазар. Сета власт тогаш ќе се најде во нивни раце… Треба да се отвори и портата за предвремени парламентарни избори. Само тогаш двете глави, мојата и онаа на идната влада, ќе можат навистина да спроведат реформи, рече Силјановска-Давкова.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се надева на победа на Силјановска, по која би се случиле и вонредни парламентарни избори.
-Оваа власт удри по темелите на нашата заедничка куќа, почна да руши дел по дел од она што со генерации беше градено. Почна со рушење на дневната соба, ги разнишаа гредите, а покривот кога тогаш ќе падне врз сето ова – рече Мицкоски. Тој побара од оние што заговараат бојкот да се откажат. Бојкотот, рече, му одговара на Заев и тој на тоа потајно се надева и работи.
Заев му одговори вчера на Мицкоски со сличен вокабулар, посочувајќи дека не само што македонскиот идентитет е забетониран, туку во бетонот има и арматура каква што опозицискиот лидер не можел да замисли.
-Уште неколку дена ќе заврши кампањата, ама збор не слушнавме од Мицкоски, ниту од Силјановска, за 11-годишното владеење на неговиот даскал Груевски. Ајде Мицкоски, состави една реченица и кажи ја јасно и гласно, ајде гукни да те видам, ајде зуцни да те чујам. Не смееш, бре човеку, ти се тресат ногавиците да не му згрешиш на пастирот, истакна Заев.
Според Пендаровски, цел на опозицијата е да ја врати назад државата од патот по кој сега чекори. Во духот на неговиот слоган „Заедно напред“, Пендаровски порача дека бара поддршка за концептот на иднината, концептот „едно општество за сите“.
-Со години чекоревме по овие улици со надеж и верба дека ќе се ослободиме од стегите на режимот, кои ја гушеа слободата, ја кршеа демократијата и ја заробија државата. Денеска ги отфрливме стегите на режимот и сега чекориме по патот на евроинтеграцијата, кон економскиот развој и севкупниот општествен напредок. Имам намера да помирувам, не да разгорувам конфликти. Како претседател неуморно ќе работам на довршување на нашето членство во НАТО, да бидам предводник за членство во ЕУ. Моето дејствување нема да се заснова врз непостојни митови и реконструирани легенди, туку врз реална современа политика на интеграција, рече Пендаровски.
Кандидатот Река, пак, во Гостивар ги критикуваше политиките на владината коалиција во делот на евроинтеграциите. Според него, Владата нема доволно капацитет да се справи со предизвикот и препораките од Брисел. Реформите во судството, Законот за јавното обвинителство, деполитизирање на администрацијата и елиминирање на непотизмот се дел од тие препораки.
–Дури и да добиеме датум за преговори, партиите на власт и институциите немаат ниту волја, а ни капацитет да ги исполнат условите што ни беа поставени во Брисел. Тоа ние го зборувавме, а сега и самите партии кои се на власт тоа го признаваат деновиве, рече Река. Членството во НАТО, според него, е завршена работа, но треба да се води сметка и за потребите на народот.
– Ние сакаме да ја спречиме тенденцијата на иселување на младите од земјава. Што ќе ни се концепти за ЕУ и НАТО кога ќе завршиме со петстотини илјади жители помалку, потенцира Река.
Како што се одбројува до финишот на кампањата, така сè поинтензивно, главно, преку субјективни аршини се пребројуваат приврзаниците и симпатизерите на противничкиот табор и се прават проценки за посетеноста на митинзите. Така, СДСМ го оквалификува како фијаско централниот митинг на Силјановска и Христијан Мицкоски, оценувајќи дека слабата посетеност е силна порака дека граѓаните се против блокади, опструкции и враќање назад. ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја оцени како дебакл посетеноста на централниот митинг на владејачката коалиција, што, како што се посочува, е знак дека Заев си заминува. (А.М.М.)