Изборна ноќ во САД: Што треба да знаете додека Американците гласаат
Републиканецот Доналд Трамп или демократот Џо Бајден? Кој ќе биде следниот претседател на САД? ДВ прави преглед на она што треба да го знаете додека Американците излегуваат на гласачките места
1. Очекувајте рекордна излезност
Одѕивот на гласачите во САД за претседателските избори е низок во споредба со многу други земји, а во последните години се движи околу 55 отсто. Сепак, пандемијата на коронавирусот натера многу американски сојузни држави да ги изменат правилата за гласање со проширување на можностите за предвремено лично гласање како и за гласањето по пошта.
Рекордни 85 милиони Американци веќе гласаа до 30 октомври. До овој датум во Тексас дадените гласови на предвременото гласање веќе го надмина вкупниот број гласачки ливчиња од изборите во 2016 година. Со личното гласање денеска низ целата земја, вкупниот број на гласачки ливчиња најверојатно ќе постави нов рекорд.
2. Важно е кој ќе се појави на гласачкото место на 3 ноември
И покрај проширеното предвремено гласање поради пандемијата на Ковид-19, излезноста на гласачките места денеска сепак ќе има огромно значење. Републиканците претпочитаат да гласаат лично, така што во изборниот штаб на Трамп очекуваат наплив на неговите приврзаници на гласачките места.
Предвременото гласање им дава мала предност на демократите, но афроамериканските гласачи, кои во голема мерка се симпатизери на демократите, претпочитаат лично гласање и нивниот одѕив на денот на гласањето сепак може да биде клучен за победа на Бајден.
Гласачите под 30 години, кои сочинуваа голем дел од не-гласачите во 2016 година, изгледа дека годинава се силно мобилизирани и околу 63 насто од оние кои дефинитивно планираат да гласаат имаат тенденција да го поддржат Бајден. Нивната излезност ќе биде важна.
Латиноамериканските гласачи, кои се разнолик блок чии партиски тенденции се разликуваат, може да бидат јазиче на вагата за некој кандидат во одредени сојузни држави. Одѕивот на Латиноамериканците е помал од американскиот просек во изминатите гласања, но рекордни 32 милиони имаат право да гласаат во 2020 година, па ако навистина гласаат, тоа може да биде одлучувачко.
3. Магичниот број е 270
За претседателските избори во САД не одлучува гласот на народот, наместо тоа, победникот го одредува електорски колеџ, тело од 538 назначени електори или делегати, кои се распределени во секоја сојузна држава и во областа Вашингтон. Еден кандидат треба да победи во доволно сојузни држави за да обезбеди мнозинство од овие електори – 270 – за да победи. Достигнувањето на оваа бројка е единственото нешто што е важно.
4. Клучни сојузни држави што треба да се следат
Бидејќи електрорите не им се доделуваат на сојузните држави сразмерно со нивното население, одредени држави имаат преголемо влијание за победата на еден кандидат. Некои држави со многу избирачи важат за сигурни кога станува збор за победата на една партија. Но, најважните држави се оние со значителен број изборни гласови и тесна трка меѓу двете партии.
Тоа се Флорида (29 електорски гласа), Пенсилванија (20), Охајо (18), Мичиген (16), Северна Каролина (15), Аризона (11), Минесота (10) и Висконсин (10). Трката во две историски прорепубликански држави, Џорџија (16) и Тексас (38), исто така се заостри. Победата на Бајден во едната и другата би претставувало големо изненадување и би им донесло на демократите голема предност во трката до бројот 270.
5. На резултатите во клучните држави веројатно ќе почекаме некое време
Кога ќе ги знаеме резултатите на секоја сојузна држава? Зависи каде е државата и какви се нејзините правила. Континенталниот дел од САД опфаќа четири временски зони (Алјаска и Хаваи додаваат уште две). Првите гласачки места во дел од сојузните држави ќе бидат затворени на полноќ по средноевропско време.
Останатите ќе бидат затворани во наредните шест часа. По затворањето на избирачките места во една сојузна држава, ќе се направат проекции за победникот врз основа на излезните анкети и без оглед на непребројаните гласачки ливчиња.
Годинава, големиот број на гласачки ливчиња по пошта може да го комплицира добивањето официјални резултати. Додека некои држави почнуваат да ги бројат гласачките ливчиња по пошта уште пред денот на изборите, други не смеат да започнат со тоа до 3 ноември. Некои држави исто така го продолжија рокот за доставување на гласачкото ливче по пошта, што значи дека така дадените гласови може да продолжат да пристигнуваат со денови. Во сојузните држави со тесна изборна трка, токму овие гласачки ливчиња би можеле да го одредат победникот.
6. Може подолго време да не го знаеме следниот претседател
Ако резултатите од сојузните држави што ќе недостасуваат ќе значат дека ниту еден кандидат не може да обезбеди 270 електорски гласови, тогаш следниот претседател може да не биде познат со денови, па дури и со недели, сè додека не се пребројат сите гласови дадени по пошта.
Потенцијално, премногу тесните победи не некој од кандидатите може да резултираат и во бројни судски случаи што дополнително може да ја забават постапката. Сепак, има важен рок: 8 декември, до кога гласовите на сите електори од сојузните држави мора да бидат доделени на победникот во гласањето во соодветната држава, доколку Конгресот претходно ги прифати изборните резултати.
7. Американците гласаат и за Конгресот
Освен тоа што гласаат за претседател, Американците ги избираат и своите конгресмени и дел од сенаторите. Се гласа за сите 435 места во долниот дом на Конгресот, Претставничкиот дом, а се предвидува дека демократите ќе го задржат мнозинството.
Денеска се одржуваат и избори за 35 места во горниот дом на Конгресот, Сенатот, со републиканско мнозинство, и бројни кандидатски трки се многу тесни, па резултатот тука е многу понеизвесен. Некои сојузни држави во моментов под контрола на републиканците, како Аризона, можат да станат демократски – но некои контролирани од демократите како Алабама би можеле да станат републикански. Демократите треба да додадат четири места на актуелниот број на нивни сенатори за да ја преземат контролата врз Сенатот од републиканците. (Дојче веле)