Ивица Коневски е и адвокат на Општина Кисела Вода и градежен инвеститор таму, велат од СДСМ
Трагедијата во Кисела Вода е последица на коруптивен систем во кој профитот е поважен од животот, изјави денеска на прес-конференција Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Тој објасни дека има мрежа на интереси на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски (кој порано беше прв човек на Кисела Вода) и поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски.
„Инвеститорот (на градбата во Кисела Вода) е фирмата ‘Нар инвестмент’ зад која стои Ивица Коневски, поранешен функционер и градоначалник на ВМРО-ОКГ. Близок до Орце Ѓорѓиевски, кој беше ангажиран и како адвокат во општината Кисела Вода кога Орце беше градоначалник.
Како е можно Коневски, кој истовремено ја ужива довербата на Општина Кисела Вода како нивен адвокат, истовремено да биде правен застапник на општината и главен инвеститор во нејзината територија?
Ова е класичен пример на конфликт на интереси и институционална корупција која цвета под чадорот на ВМРО-ОКГ. Оваа криминална спрега е опасност за секој граѓанин“, рече Фрчкоски.
Во името на СДСМ тој побара итна, независна и темелна истрага за целиот случај каде што загина работник; проверка на сите дозволи, надзори и услови за работа на градилиштето; како е дадена дозволата, односно одобрението за градба? Утврдување на точната улога на Орце Ѓорѓиевски и Ивица Коневски.