ИТФ „Лица без маски“: Шест театарски претстави во шест фестивалски дена


Со проектот „Како се прави човек“ на режисерката Хана Миленковска, на 4 април во „Кино култура“, од 20 часот, ќе почне 12. издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, посветен на професионалното независно театарско творештво.
На програмата се вкупно шест претстави, меѓу кои и „Кокошка“ од Бугарија, во режија на Ана Батева, „Машината на Пинокио, ти не си еден од нас“ на театарот „Софија Амендолеа“ од Рим, Италија, интерактивниот перформанс „Јас сум актер – човек“, на режисерката Теа Беговска, „Соништата на Хамлет“, на исклучителниот актер и режисер Ментор Зимберај од Косово и претставата „Дневникот на лудиот“ во изведба на Бобан Алексоски, а во режија на Ѓорѓи Ризерски.


– Годинава, иако без поддршка од Министерството за култура, а со финансиска инјекција од Град Скопје, скромно и достоинствено ја продолжуваме мисијата на интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, а тоа е промоција и афирмација на независното театарско творештво. Среќни сме што годинава програмата нуди нови кратки форми на театарско изразување, а со тоа ќе промовираме и нови сценски простори во градот Скопје. Покрај познатите локации МОБ, „Кино култура“, пријатели на фестивалот од годинава се и галеријата „Колектив“ и театарот „Сенки и облаци“ – вели Миодраг Костиќ, директор на ИТФ „Лица без маски“.
Фестивалот е во организација на независниот „Театар 007“, заедно со ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ од Скопје. Визуелниот идентитет на фестивалот е авторско дело на Марјан Ѕингаров-Ѕин. Претставите ќе ги оценува жири-комисија во состав: Бојан Трифуновски – режисер, Ивана Настеска – новинар и актерот Мики Анчевски, кои ќе ги одлучуваат за трите фестивалски награди: Гран при за најдобра претстава, награда за најдобра режија и награда за најдобро актерско остварување.
Сите претстави ќе започнуваат од 20 часот. Билети се со цена од 200 денари и може да се резервираат на [email protected].