Италијанците изборија финале во Дејвис купот, таму ги чека Холандија
Бранителот на титулата во Дејвис купот, Италијанците, обезбедија пласман во финалето на овогодинешното издание на најпрестижното екипно тениско натпреварување, чие финале се игра во Малага. Во полуфиналето ги совладаа минатогодишните финалисти Австралија.
Првиот бод за Италија го донесе Матео Беретини кој по два часа и 43 минути игра го совлада Танаси Кокинакис со резултат 6:7 (6), 6:3, 7:5. По него, најдобриот играч на светот Јаник Синер го победи Алекс Де Минаур со 6:3, 6:4, обезбедувајќи им на Италијанците пласман во финалето.
Беретини можеше да победи и во два сета, но во првиот сет пропушти три сет-поени – еден на сервис при 6:5 и уште два израмнети на 6:4 во тај-брејкот. Кокинакис ја искористи својата прва шанса за сетот. Сепак, Беретини не ги повтори истите грешки во продолжение. Во вториот и третиот сет во клучни моменти му го одзеде сервисот на противникот (по 5:3 во вториот и 6:5 во третиот сет), по што сигурно сервираше за победа.
Во својот меч Синер многу брзо стигна до паузата, но веднаш одговори Де Минаур. Сепак, откако Италијанецот по вторпат го брејше сервисот на Австралиецот, Де Минаур немаше одговор. Во вториот сет, еден брејк беше доволен за Синер да победи убедливо.
Ова е деветти пат во историјата Италија да се пласира во финалето на Дејвис купот. Досега двапати ја освоија титулата (1976 и 2022 година), додека шест пати загубија во финалињата (1960, 1961, 1977, 1979, 1980 и 1998 година).
Во финалето закажано за в недела, Италија ќе игра против Холандија, која за прв пат во историјата се пласираше во финалниот натпревар од Дејвис купот.