Италија: Вински фалсификатори полнеле искористени шишиња и ги продавале на интернет
Италијанските карабињери во Фиренца, во соработка со Европол, разоткрија мрежа „вински фалсификатори”, кои преку интернет продавале лажно, фалсификувано вино од врвни италијански брендови.
Како што соопшти вчера Европол, рации се извршени во осум области во Италија. Истрагата открила дека виното со низок квалитет било полнето во шишиња со оригинални етикети, а потоа тие биле продавани како вистински на интернет-аукциска платформа.
Шишињата се собирале како искористени, од повеќе ресторани.
Вината се продавале во Белгија, Франција, Германија, Италија, Шпанија и САД, честопати и за многу пониска цена од онаа на пазарот. Сепак, цената за некои од фалсификуваните вина во големо шише од 1,5 литра, достигала и до 1.000 евра по шише.