Италија со уште 400 милијарди евра ќе им помага на фирмите погодени од корона кризата 


Италијанската Влада синоќа донесе одлука за деблокирање на  400 милијарди евра за да им се помогне на деловните субјекти да се справат со епидемијата на коронавирусот.

Средствата ќе бидат наменети за сите фирми – големи, средни и мали.

– Двеста милијарди ќе бидат наменети за внатрешниот пазар и 200 милијарди ќе бидат наменети за поддршка на извозот, рече премиерот Џузепе Конте синоќа на прес-конференција.

Средствата ќе се користат за јавни гаранции за заеми. Во комбинација со стимулативниот пакет објавен во март, тие ќе им овозможат на банките да продолжат со заеми во вредност од повеќе од 750 милијарди евра за да спречат колапс на третата најголема економија во еврозоната.