Италија ја почна вакцинацијата со три медицински сестри
РИМ – Речиси 10 месеци откако првиот италијански пациент беше позитивен на новиот корона вирус, Италија во неделата ги вакцинираше првите жители против Ковид-19.
Тројца здравствени работници во римската болница „Спаланзани“ беа инокулирани нешто пред 07:00 часот со вакцината развиена од „Фајзер“ и „БиоНТех“, се вели во изјавата на комесарот за епидемија Доменико Аркури.
„Вакцината помина многу добро и тоа беше возбудлив, историски момент“, изјави 29-годишната медицинска сестра Клаудија Аливернини за државната телевизија Раи.
„Тоа е почеток на крајот и се надевам дека ќе бидам првата од над 60 милиони Италијанци“.
Италија во четвртокот стана осмата земја во светот што надмина 2 милиони официјално запишани случаи. Пријави 70.909 смртни случаи, највисок број во Европа и петти најголем во светот.
Вакцината ќе биде бесплатна, а на здравствените работници и старите лица први ќе им биде понудена доброволна инокулација.
Унгарија и Словачка ги започнаа своите кампањи за вакцинација во саботата а другите земји на Европската унија ѝ се придружија на Италија во неделата, додека бранот на пандемијата добива нова сила на континентот.
Околу 9.750 дози веќе пристигнаа во Италија и други 470.000 се очекува да пристигнат од следната недела, соопшти Министерството за здравство.
„Денес е симболичен ден кој мора да даде идеја за убавината на Европа што ги купи вакцините за сите и ги дистрибуираше“, рече комесарот Аркури.
За да се помогне во ширењето на вакцината, на градските плоштади низ целата земја ќе се појават привремени павилјони за здравствена заштита со соларно напојување, дизајнирани да изгледаат како пет-ливчиња од јаглика, симбол на пролетта. (Ројтерс)