Истражување: Ректорите меѓу најплатените во јавниот сектор со месечни нето-плати од 3 до 4 илјади евра
Форумот за образовни промени прашува дали ваквите плати се оправдани, особено со оглед на тоа што ниту еден јавен универзитет во земјава не се наоѓа на Шангајската листа, ниту пак е меѓу првите 2.000 универзитети во светот според други релевантни рангирања

Ректорите на јавните универзитети во Северна Македонија се меѓу најплатените функционери во јавниот сектор, со месечни нето-плати кои достигнуваат и до 4.000 евра, покажа денеска истражувањето на Форумот за образовни промени. Според анализата „Платите и додатоците на јавните универзитети во Северна Македонија: Како се регулираат?“, најголем дел од овие примања доаѓаат преку функционалните додатоци, кои се исплатуваат од сопствените средства на универзитетите.
Ректорката на УКИМ – Скопје добива вкупно 203.775 денари месечно, од кои 100.000 денари се функционален додаток. Ректорот на битолскиот универзитет има уште повисока нето-плата од 244.834 денари, при што 141.059 денари се надомест за функцијата. Во просек, платите на ректорите се движат од 136.000 до 245.000 денари, без да се вклучат додатоците за минат труд, менторства или други надоместоци.
Форумот за образовни промени прашува дали ваквите плати се оправдани, особено со оглед на тоа што ниту еден јавен универзитет во земјава не се наоѓа на Шангајската листа, ниту пак е меѓу првите 2.000 универзитети во светот според други релевантни рангирања.
„Форумот за образовни промени ги поставува следниве прашања: Со оглед на тоа што некои ректори се повисоко платени од Премиерот и Претседателката на државата — дали овие плати се оправдани? Ниту еден јавен универзитет од Северна Македонија не е рангиран во Шангајската листа, ниту пак се наоѓа меѓу 2000 најдобри универзитети во светот според други релевантни рангирања. Како граѓани, имаме право да прашаме: Што конкретно сте направиле за универзитетот што го водите? Какви инвестиции сте направиле со јавни средства? Колку научни истражувања сте поддржале? И најважно: како ја унапредивте позицијата и угледот на институцијата што ви е доверена?“ стои во соопштението.
Наставниот и ненаставниот кадар исто така прима високи плати. Од 2023 година, со зголемување од 50 проценти, редовен професор добива основна нето-плата од 103.775 денари, без додатоците за стаж и други надоместоци. Во јавните универзитети се вработени 4.656 лица како наставен и соработнички кадар.
Во последните четири години, Владата има доделено 18,5 милијарди денари за финансирање на јавните универзитети. Сепак, Форумот предупредува дека распределбата на средствата не е доволно транспарентна и праведна.
„Функционалните додатоци за ректори и декани треба да се оптимизираат и да бидат условени со резултатите на универзитетот на меѓународните ранг-листи“, се вели во препораките.
Форумот бара сите универзитети да ги објават на своите веб-страници правилниците за плати, додатоци и надоместоци. Според нив, функционалниот додаток за ректор не смее да биде повисок од основната плата на редовен професор, за да се почитуваат начелата на пропорционалност и институционална еднаквост.
Истражувањето покренува и прашања за одржливоста на платниот систем, имајќи предвид дека некои универзитети веќе немаат капацитет да ги покријат сите дополнителни трошоци што самите ги одобруваат. (Мета)