Истражување: Поради ниската финансиска писменост, домаќинствата губат од 1.750 до 4.740 евра


Ниското ниво на финансиска писменост може годишно да чини едно просечно домаќинство помеѓу 1.750 евра во Шпанија и 4.740 евра во САД, според Алијанц, чие истражување спроведено во седум земји покажа дека повеќе од четвртина од испитаниците имаат ниско ниво на писменост.

Како дел од истражувањето за финансиска писменост, на повеќе од 1.000 луѓе од САД, Обединетото Кралство, Франција, Шпанија, Италија, Германија и Австралија им беа поставени серија прашања за да се утврди нивното знаење за основните финансиски концепти како што се каматните стапки, инфлацијата и инвестициите ризици и приноси.

„Резултатите од истражувањето покажаа дека повеќе од една четвртина од испитаниците, или 26 отсто од нив, немаат доволно знаење и вештини за да донесат разумни финансиски одлуки, што ги оценуваме како „ниско ниво на финансиска писменост“, посочија од Алијанц.

Во исто време, 60 отсто од испитаниците се просечно финансиски писмени, а само 15 отсто покажуваат високо ниво на финансиска писменост.

Ниското ниво на финансиска писменост може годишно да го чини просечното домаќинство помеѓу 1.750 евра во Шпанија и 4.740 евра во САД, според пресметката на Алијанц.

Кога станува збор за тоа колку поголемото познавање на финансиите ќе придонесе за буџетот на домаќинството, врз основа на финансиските средства на просечното домаќинство, Алијанц пресмета како луѓето со високо ниво на финансиска писменост можат да очекуваат годишна заработка во опсег од 1.910 до 5.000 евра. 

Во просек, жените се помалку финансиски писмени од мажите

Како дел од истражувањето, учесниците го искажаа и својот став за нивната финансиска иднина. Седум од десет испитаници од различни пазари сметаат дека економската состојба во нивната земја е прилично лоша до многу лоша, додека многу помал процент, 49 отсто од испитаниците со просечна финансиска писменост, го мислат истото за сопствената економска иднина.

Во споредба со нив, приближно десет проценти од исклучително финансиски писмените испитаници многу позитивно ја доживуваат сопствената финансиска состојба.

На примерок од различни пазари што се испитуваа, беше утврдено дека жените се во просек помалку финансиски писмени од мажите – 30 проценти од жените во споредба со 20 проценти од мажите, со исклучок на Германија како единствена земја каде жените се во просек финансиски повеќе писмени отколку мажите.

Слична е ситуацијата меѓу генерациите. Резултатите од истражувањето покажаа дека финансиските знаења и вештини се подобруваат со текот на годините, при што процентот на членовите на генерацијата бејби бум поседуваат високо ниво на финансиска писменост, 21 процент, повисоко од генерацијата Z заедно, шест проценти и милениумците, 11 проценти.

„Ниското ниво на финансиска писменост може да биде штетно, односно може да ве чини скапо во текот на долг инвестициски период, на пример во случај на штедење за пензионирање. Но, добрата работа е што донесувањето паметни финансиски одлуки не е „нуклеарна физика„. Со стекнување основни знаења и вештини, луѓето можат да ја подобрат својата финансиска писменост за да се подобрат на просечно ниво и со тоа да заштедат многу повеќе пари“, рече главниот економист на Алијанц Лудовик Субран во изјавата што се пренесува во соопштението за печатот.

Постариот економист на Алијанц и ко-автор на студијата, Патриша Пелајо Ромеро, истакна дека програмите за финансиска писменост генерално го нагласуваат подобрувањето на математичката писменост, но финансиската писменост не е само математика.

„Секој успешен напор за подобрување на финансиската писменост, особено ако е насочен кон жените и младите, треба да започне со градење самодоверба“, тврди Пелајо Ромеро.