Истражување на „Метаморфозис“: Мнозинството граѓани сметаат дека политичарите и медиумите најмногу шират дезинформации


Граѓаните се свесни дека дезинформациите претставуваат голем проблем во земјава и добро ја разбираат нивната природа, а за најголеми дезинформатори ги сметаат политичарите и медиумите, беше истакнато на денешната презентација на наодите од истражувањето „Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија во 2023 година“.

Истражувањето направено од страна на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, има цел да го утврди степенот на изложеност и влијанието на дезинформациите врз граѓаните во Северна Македонија преку комбинирање анализи на карактеристиките на протокот на дезинформации со анкета направена на репрезентативен примерок на национално ниво.

Наодите покажаа дека граѓаните добро ја разбираат природата на дезинформациите и целите на нивното ширење низ медиумската сфера. Дури 75 проценти од граѓаните сметаат дека дезинформациите поттикнуваат говор на омраза и поделби во општеството, а 40 отсто сметаат дека државата нема капацитет да се справи со заканите од дезинформации и други форми на специјална војни.

-Граѓаните сметаат дека дезинформациите, во најголема мера ги шират политичарите и новинарите, односно медиумите. Дури 89 проценти сметаат дека политичарите шират дезинформации, додека пак 85 остсо сметаат дека дезинформации шират новинарите, односно медиумите, тука во прв ред се наведуваат социјалните медиуми и интернет портали, појасни истражувачот Ѓорѓи Митревски.

Овогодинешното истражување покажува дека има голема промена во ставот на граѓаните за информациите поврзани со климатските промени. Ако минатата година само 24 проценти сметале дека климатските промени не постојат, туку се измислени за да ја контролираат економијата, оваа година тој процент пораснал на 36.

Вкупно 41 процент од граѓаните не го прифаќаат за вистинит антиваксерскиот наратив според кој, болестите за кои се вакцинираат не се сериозни и може да се надмине со природен имунитет, додека 29 проценти веруваат во вистинитоста на овој наратив. Четириесет и девет отсто сметаат дека редовните вакцинации на децата се безбедни, додека 37 проценти немаат став по ова прашање.

Кога станува збор за геополитичките односи на државата, според испитаниците најпозитивно влијание врз нашата земја има соседна Србија и Турција. Во однос на влијанието на САД, минатата година 43 проценти од граѓаните го оцениле како позитивно, а оваа година, такво мислење имаат 39 отсто од испитаниците. Во однос на влијанието на Русија, оваа година има пад кај оние коишто мислат дека таа држава има позитивно влијание. Минатата година 40 отсто од граѓаните сметале дека таа држава има позитивно влијание, а 27 проценти дека има негативно. Оваа година 34 проценти се уште се на ставот дека Русија има позитивно влијание, додека 38 отсто сметаат дека влијанието е негативно. Според истражувањето, најнегативно влијание има Бугарија, односно 78 проценти од испитаниците. Во однос за влијанието на Кина, 40 проценти од граѓаните немаат јасен став.

Истражувачите посочуваат дека за да се надмине перцепцијата на граѓаните за дезинформациите потребен е системски пристап за градење култура на критичко мислење, регулација на интернет просторот, подигнување на нивото на јавна дебата за геополитичкиот контекст, за начинот на ширење на дезинформациите. Од организацијата посочуваат дека меѓу другото потребно е и креаторите на јвното мислење да имаат предвид дека недостигот на информираност и на издржана јавна дебата доведува до информациски празнини, и државните и јавните институции, приватните компании и граѓанските организации треба да ги надградат етичките кодекси.

Применетата методологија овозможува споредба со резултатите од претходни истражувања од ист тип, меѓу кои и комплементарната анкета спроведена од „Метаморфозис“ во 2022 година, со што се добиваат сознанија за трендовите како основа за поставување приоритети, пренесени и во вид на препораки, во насока на пристап со ангажирање на целото општество со кои се бараат решенија за структурните причини за подложност на дезинформации.