Истражување на ЦЕА: Кои се тесните грла кај данокот на имот

Клучните наоди се најчесто примена на најниска стапка на оданочување со данок на имот, приходот од данокот на имот од физичките лица со значително поголем удел, системски недостатоци во регистрите за недвижен имот, славбости со процена на даночната основа...


(Фото: Б. Грданоски)

 

Најчеста примена на најниска стапка на оданочување со данок на имот, значително поголем удел на приходи од физичките лица, суштински системски недостатоци во регистрите за недвижен имот, се само некои од повеќе регистрирани „тесни грла“ за поефикасна наплата на данокот на имот кои што ги евидентира Центарот за економски анализи во неодамнешна анализа.

Станува збор за истражување за Оценка на ефикасноста на тековниот систем за администрирање на данокот на имот, спроведено со поддршка на УСАИД во рамки на проектот за Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите на единиците на локална самоуправа (ЕЛС) во земјава, на кои оваа давачка е основниот изворен приход за нивно финансирање.

Притоа, како што се вели во анализата идентификувани се низа предизвици и бариери кои се поврзани со системот на администрирање на данокот на имот кај единиците на локална самоуправа.

„Овие предизвици директно придонесуваат кон намалена ефикасност во прибирањето на данокот на имот како и кон јазот помеѓу буџетираните (планирани) и извршените (наплатените) приходи од данок на имот, и искористување на потенцијалот за прибирање на приходите од данок на имот кај единиците на локална самоуправа“, се вели во анализата.

Од ЦЕА велат дека за да се оценат тесните грла поврзани со административните бариери кои предизвикуваат неефикасност во целокупниот процес на администрирање на данокот на имот, направиле преглед на идентификуваните предизвици согласно практичната примена на регулативата и согласно видувањата на единиците на локална самоуправа, со предлог на области за потенцијални подобрувања/измени во регулаторната рамка, во администрирањето и управувањето со данокот на имот и маргинално со управувањето со фискалните приходи воопшто на ниво на единиците на локална самоуправа.

Најчеста примена на најниска стапка

„Клучните наоди за идентификуваните бариери во администрирањето на данокот на имот кај единиците на локана самоуправа во земјава се: најчеста примена на најниска стапка на оданочување со данок на имот кај најголем број на единиците на локална самоуправа; варијација на уделот на данокот на имот во сопствените приходи на единиците на локална самоуправа; приходот од данокот на имот од физичките лица со значително поголем удел; варијација на степенот на реализација на планираните приходи од данокот на имот помеѓу единиците на локална самоуправа; суштински системски недостатоци во регистрите за недвижен имот што го ослабува даночниот капацитет на општините; неможност на примена на меѓу-институционално поврзување за реална и навремена процена на даночната основа; методологијата за процена на пазарна вредност на недвижниот имот во пракса е тешко применлива, одложување на процесот на (ре)вреднување на даночната база на долг рок е неповолно; како и разлики во трошоците и приходите за администрирање на данокот на имот кај руралните и урбаните единици на локална самоуправа“, посочуваат од ЦЕА.

Во однос на примената на најниска стапка на оданочување од ЦЕА велат дека примарните причини се пред сè поради политичката сензитивност од воведувањето на политика на повисока стапка на оданочување на имотот која пак е одраз и на нискиот степен на доверба кај даночните обврзници.

Исто така се додава дека уделот на данок на имот во сопствените приходи на единиците на локална самоуправаво фискалната 2021 година, во просек бил 27 отсто во локалните приходи од сопствени извори, при што варијациите се големи и се движат од 2 отсто до 58 отсто помеѓу различните единици за локална самоуправа.

Од ЦЕА додаваат дека кај оваа давачка речиси и да нема варијација на даночните стапки, зонирањето малку влијае, а приходите од данокот на имот прибрани од даночните обврзници – правни лица, имаат значително помал удел од приходот прибран од физичките лица, иако има и помал број единици на локална самоуправакаде што приходите од данокот на имот од правните лица се значително повисоки од приходите прибрани од физичките лица.

Низок даночен капацитет на општините

Просечната стапка на реализирани приходи од данок на имот на единиците на локална самоуправа на национално ниво изнесува 88 отсто, за 2021 г. (и тоа од физички лица 90 отсто; од правните лица 84 отсто, а од присилна наплата на данокот на имот само 4 отсто, се вели во резимето на анализата. Во структурата се бележи значајна варијација на стапката на реализација на планираните приходи од данок на имот, и тоа единици на локална самоуправа кои собрале речиси двојно повеќе приходи од данок на имот од планираното, а други далеку помалку и од просекот (во 2021 г.). Нотиран е и недостатокот на евиденција на приходите од тековната наспроти претходни години, како и соодветна старосна структура на побарувањата, се вели меѓу другот во анализата.

Во неа се додава дека даночниот капацитет на општините за данок на имот во најголема мера зависи од соодветна и сеопфатна база на податоци во која што ќе се опфатени и даночните обврзници и даночната. Општинските регистри на недвижен имот и нивната веродостојност, претставува примарна пречка кај единиците на локална самоуправа која се рефлектира во нереална даночна основа, посочуваат од ЦЕА.

Во однос на меѓуинституционалното поврзување за реална и навремена процена на даночната основа се вели дека Општините и Градот Скопје немаат практична можност за директно поврзување/преземање на податоците од системите/регистрите на Агенцијата за катастар на недвижности, а со цел соодветно ажурирање на податоците во регистарот за недвижен имотите, па оттука и за преголема правичност преку соодветна даночна обврска за сопственици на имот, кое е потврдено и со наодите на Државниот завод за ревизија.

Исто така и методологијата за процена на пазарна вредност на недвижниот имот во пракса е тешко применлива. Тековната методологијата за процена на пазарна вредност на недвижен имот која што се применува од 2012 може да ја рефлектира релативно реално пазарната вредност на недвижниот имот, меѓутоа доколку се врши соодветно и преку редовно ревреднување. Меѓутоа, повеќе единицие на локална самоуправа сметаат дека нејзината ограничена применливост поради несоодветност и застареност претставува пречка, поради што оценката на единиците на локална самоуправа е дека вредноста на имотот (даночната основа) не ја одразува реалната (или приближно реалната) пазарна вредност на недвижниот имот.

Понатаму се додава дека одложување на процесот на (ре)вреднување на даночната база на долг рок е неповолно – со цел да ги намалат трошоците, даночните администрации вршат одложување на процесите и ги занемаруваат капацитетите (обуки) на службите кои се неопходни за вршење на ревреднувањето. На краток рок, намалувањето на трошоците преку неспроведување на процесот на ревреднување може да ги зголеми заштедите, но на долг рок има спротивен ефект, затоа што застарените вредности на имотот се причина за намалени приходи од данокот на имот. Единиците на локална самоуправа долг период (со мал број исклучоци) не вршеле ревреднување на недвижниот имот за цели на данокот на имот, велат од ЦЕА.

Разлики меѓу руралните и урбаните единици на локална самоуправа

Исто така се нагласува и проблемот со големите разлики во трошоците и приходите за администрирање на данокот на имот кај руралните и урбаните единици на локална самоуправа. Во просек урбаните единици на локална самоуправа имаат 2,5 пати повисоки трошоци за администрирање на данокот на имот споредено со руралните, но трошоците по глава на жител кои во просек се 83 денари, за урбаните единици на локална самоуправа се 80 денари, а кај руралните 90 денари.

Урбаните единици на локална самоуправа имаат пониски трошоци по прибран приход, од 13 отсто додека руралните единици на локална самоуправа 17 отсто трошоци за администрирање на данокот на имот по прибран приход за данок на имот. За секој денар трошок за администрирање на данок на имот урбаните единици на локална самоуправа собираат 8 денари приход, а руралните единици на локална самоуправа 6 денари приход.

Приходите од данок на имот по глава на жител кои во просек се 621 денари, кај урбаните единици на локална самоуправа се 633 денари, а кај руралните 567 денари.

Клучните препораки оттука се: јасно дефинирање на правните дилеми согласно постојната регулатива кои се однесуваат на дефинирање на даночен обврзник сопственик на имот кој не го користи повеќе од шест месеци, а со цел доследна и унифицирана примена кај сите единици на локална самоуправа, процес кој мора да биде координиран и воден од страна на носителот на законот со јасно утврдени постапки и процедури.

Во однос на даночната стапка – единиците на локална самоуправа да ги испитаат сопствените можности и капацитети за зголемување на даночните стапки во рамки на опсегот на пропорционалната стапка, откако ќе се искористи капацитетот за прибирање на данокот согласно тековните стапки, како и можната примена на повеќе стапки и критериуми соодветни на локалните карактеристики и потреби. 

Од ЦЕА исто така препорачуваат редовно ажурирање на податоците за имотот и сопствениците од страна на единици на локална самоуправа и теренска примена на обврската за редовна ревалоризација на вредност на имотот како и на сопствениците; поставување и/или ажурирање на регистар на земјоделско земјиште како дел од недвижен имот, како и зголемување на напорите за изнаоѓање на решение за формализирање и практична примена на меѓу-институционална размена на податоци за недвижен имот по компатибилни белези како и со други институции неопходни за управување со системот за данок на имот.

Во однос на даночната основа, односно вредноста на недвижен имот се препорачува преиспитување на методологијата како клучен правен акт во вреднување на недвижен имот со кој се утврдува постапката за проценка на даночната основа за даноците на имот во насока на измени кои ќе овозможат процена поблиску до пазарната вредност на имотите, ќе ја рефлектираат тековната состојба со современите текови, и ќе биде дизајнирана на начин кој ќе биде применлив за сите единици на локална самоуправа, како и навремена и точна евиденција на сопствениците на имотот и вредноста на имотот. 

Една од препораките се однесува и на наплата на данок на имот, при што се посочува на унапредување на начинот на евиденција на данокот на имот, соодветна примена на опомената како модус на унапредување на наплатата на данок на имот, како и присилната наплата согласно поврзаните закони. Притоа, се укажува на потребата од зголемување на напорите за примена на нерепресивни методи за поттикнување на позитивно однесување на даночните обврзници со неплатени обврски за данок на имот кои се поприфатливи за граѓаните преку поголема и почеста комуникација и информирање.