Истражување: Колкава е поддршката за „Отворен Балкан“ во регионот


Иницијативата „Отворен Балкан“ има најголема поддршка во Србија, потоа во Босна и Херцеговина и во Северна Македонија. Иницијативата ужива најмала поддршка во Косово, покажува истражувањето на ИРИ (Меѓународен републикански институт) во периодот јануари-февруари годинава, врз основа на примерок од 7.012 лица во пет земји, пренесува Индикатор.

Во Србија, 33 отсто од испитаниците се изјасниле дека целосно ја поддржуваат иницијативата, додека 42 отсто изјавиле дека „донекаде“ ја поддржуваат. Во БиХ 30 отсто од граѓаните се за оваа регионална иницијатива, додека 38 отсто делумно ја поддржуваат.

Во Северна Македонија, тие бројки се 28 отсто за целосна и 33 отсто за делумна поддршка на испитаниците за „Отворен Балкан“, додека 9 отсто воопшто не го поддржуваат.

Следува Црна Гора со целосна поддршка (27%), делумна поддршка (39%) и 9 проценти од оние кои воопшто не ја поддржуваат иницијативата.

Во Косово, според изјавите на тамошните раководни тела, само 16 отсто целосно го поддржуваат „Отворен Балкан“, 26 „донекаде“, додека 36 не го поддржуваат.

Најнеопределени, односно без одговор има во Црна Гора (14%), потоа Босна и Херцеговина (12%) и Косово (10%).

Само 6 отсто во Северна Македонија не одговориле на прашањето дали ја поддржуваат регионалната иницијатива.

Поканата за приклучување кон иницијативата на зоната за слободно движење на луѓе, стоки и услуги, во која членуваат Северна Македонија, Србија и Албанија од 2019 година, е испратена и до другите земји од Западен Балкан.