Истражувам теми што ми недостигаат во книжевноста: Интервју со Калина Малеска, лауреат на наградата „Роман на годината“
Промени секогаш ќе бидат потребни затоа што борбата за права никогаш не завршува, секогаш може да биде подобро и важно е да се стремиме да биде подобро, вели Малеска во интервју за „Независен“

Три авторки беа во најтесниот избор за Роман на годината за 2024 година, но Калина Малеска (1975, Скопје) со мнозинство гласови ја освои престижната награда за романот „Светот што го избран“ (издание на Или-или), „кус, концизен, маестрално напишан, храбро сведоштво на женскиот лик кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот што го избираме дури откако сам ни се наметнал избор што не само не го оправдал туку со него ни нанел штета и тага“, како што стои, меѓу другото, во образложението на жирито, во состав: Лидија Димковска, Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј ал-Асади и Катерина Богоева.
Во искрено интервју за „Независен“, Малеска открива за инспирациите, за дилемите, за женските права, за преводите, за образованието кај нас, и за славното презиме.

„Светот што го избрав“ е „Роман на годината“ за 2024 во конкуренција од 43 романи на фондацијата „Славко Јаневски“, големо признание меѓу македонските автори, со убава парична награда . Дали наградата очекувате да ви го смени животот или креативниот набој?
Не сум сигурна што да очекувам во таа смисла. Со оглед на тоа дека наградата „Роман на годината“ е еден од најзначајните промотори на романот како жанр и придонесува кон поголемата читателска рецепција, веројатно со добивањето на ова награда романот ќе стигне до повеќе читатели. Што се однесува до креативниот набој, наградата е голем поттик, еве, веќе овие денови почнав да размислувам за нови идеи за следни романи и раскази.
Во што е универзалноста на романот од 122 страници што жирито го опиша како „извонреден, безвременски роман, што ќе може да се чита и препрочитува во сите времиња и простори“?
Многу ми е драго што жирито така го опиша романот. Сакав да го издвојам како важно од различни идеи и животни искуства што претходно ги имав внесено во концептот за романот. Кога го обмислував романот, правев концепт во кој внесував различни идеи и животни искуства, а потоа кога почнтав да го пишувам, решив да се фокусирам на неколку прашања што сметав дека може да бидат заеднички и за многу други луѓе. Тоа е, меѓу другото, себеосознавањето, односно активно размислување за своите постапки и какви последици тие може да имаат врз нас и врз луѓето околу нас. Што може да увидиме за себе од перцепциите на другите? Колку околностите нѐ доведуваат во состојба на беспомошност, кога работите не зависат од нас, и колку можеме и ние самите во тие околности да направиме свој избор, како ќе реагираме на состојбите во кои сме се нашле? Потоа, обидите да се најде храброст и оптимизам како поттик за подобрување на својата околина се исто така дел од аспектите за кои решив да пишувам. Се надевам дека овие теми и начинот на нивното претставување е она што романот го прави интересен за препрочитување во многу времиња и простори.
Освен тоа, сакав да истражам некои теми што мене ми недостигаат во книжевноста. На пример, сакав да го истражам блиското опкружување без фокус на најтесното семејство, односно да истражам други видови на меѓучовечки односи, каде што нема семејство во традиционална смисла. Во романот, такви се односите со луѓе што живеат во непосредна близина на протагонистката а до скоро биле туѓинци, како што се тоа ликовите на двете девојчиња кои живеат во куќата или на Нестор, потоа односите со своите деца кои живеат одвоено, со поранешниот сопруг, со роднини, колеги, пријатели, партнери – односи кои и во животот имаат пресудни значења за човекот, а во книжевноста сум ги среќавала поретко отколку односите меѓу семејните членови. Исто така, се фокусирав и на неносталгичните сеќавања, како контратежа на носталгијата што обично ни се јавува кога мислиме на младоста, бидејќи сакав порационално, потрезвено да ги анализирам настаните од минатото и нивното влијание врз карактерот.
Вашиот главен лик Леона, избра на средни години да ги напушти домот, сопругот, дотогашниот живот и статус, и да почне од нула од подрумска соба среде Скопје. Каков свет вие избравте?
Јас лично? Па, тешко дека можам да кажам дека нешто сум избрала еднаш засекогаш. Секојдневно се соочувам со избори, сигурно како и другите луѓе, и секогаш имам многу дилеми околу тоа каде водат тие избори. Во случајот со Леона, станува збор за избор на лична слобода, што го сметам за многу важен избор во животот, лична слобода во степен во кој тоа е можно, со оглед на тоа што слободата е секогаш ограничена од околностите.

Како жени, се уште ги бараме правата на 8 март, се бориме за исти плати и статус како мажите, правиме компромис меѓу кариерата и домот, се справуваме со семејно насилство. Дали во овој ненормален свет каде мажите се жени, а жените се силни како мажи, можеме да зборуваме за промени, (р)еволуција или поддршка на тој план?
Дефинитивно не би рекла дека мажите се жени. Всушност, и не знам што значи тоа. Во однос на правата, промени несомнено се можни.
Првата пречка што стои на патот на секоја промена е негирањето дека таа е можна. За жал, промените често се многу бавни и се видливи само во подолг временски период. Ако споредите каква била ситуацијата при крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, да речеме во времето кога Емелин Пенкхерст се борела за право на глас и била ставена во затвор и насилно хранета додека штрајкувала со глад, со тоа каква е ситуација во денешно време, видливо е дека има позитивни промени. Тоа не значи дека сега состојбите се добри, само дека се малку подобри од порано, и дека се потребни и понатамошни промени. Во поглед на семејно насилство, или нерамноправноста во однос на неплатената работа во домот и грижа за децата, како и во поглед на други прашања, жените сѐ уште се во многу незавидна состојба и мора уште многу да се направи на тој план. Промени секогаш ќе бидат потребни затоа што борбата за права никогаш не завршува, секогаш може да биде подобро и важно е да се стремиме да биде подобро.
Поднасловот на вашиот победнички роман гласи: Си поставувам себеси стапици за да се заштитам од своите слабости. На што мислевте?
Ќе го дадам примерот на главниот лик Леона. Низ нејзините сеќавања гледаме дека таа постојано сакала да излезе од една лоша животна состојба, но никако не се решавала за тоа, што е нормално затоа што многу е тешко да се донесе одлука за ставање крај на дотогашниот живот и почнување одново. За да го направи тоа, Леона решава во еден момент да ја потроши малата заштеда што ѝ останала од долгогодишната работа за ново место за живеење. По таа одлука, нема враќање, па на тој начин си помага, односно се заштитува од својата слабост постојано да го одлага заминувањето. Сум имала неколку ситуации во својот живот, различни од оваа на Леона, но што се темелеа на сличен принцип, така што тоа ме поттикна да размислувам пошироко на оваа тема.
Како го откривте вашиот пишувачки талент со оглед на фактот дека сте и професор по англиска книжевност на Филолошкиот факултет при УКИМ, книжевен истражувач и преведувач?
Почнав да пишувам песни во основно училиште, а потоа и раскази во средно училиште. Тогаш не размислував за тоа дали имам талент, туку ми беше важно тоа што уживам во пишувањето. Имаше една задача во трета година средно училиште кога требаше да опишеме некој пејзаж. Јас почнав со опис, но по неколку реда го претворив тоа во приказна, каде што пределот што го опишував стана волшебен, стана дел од некоја друга димензија, па го поврзав со соновите и излезе еден краток текст што многу ми се допадна. Голема улога имаше и тоа што кога го прочитав на час, и професорката, и другите соученици, реагираа многу позитивно, што ме охрабри таа година да напишам уште неколку раскази. Потоа, кога почнав да предавам англиска книжевност на Филолошкиот факултет, продолжив многу поинтензивно да читам. Тоа многу помага и во пишувањето бидејќи овозможува запознавање со голем опсег на различни наративни стилови, техники, структури, идеи. Пишувам за теми што се поврзани со моето искуство и светот околу мене, така што во таа смисла никогаш не преземам теми од книгите што ги читам, ми се чини дека тоа би било и анахроно, но читањето дефинитивно дава пошироки перспективи и овозможува човек да се изрази подобро за темите за кои пишува.
Кои автори се фокус на вашите преводи?
Некои од авторите што ги открив при преведување се Лоренс Стерн, Амброуз Бирс, Клер Киган, Леа Ипи. Тристрам Шенди од Лоренс Стерн беше книга што сакав да ја читам уште за време на студии, но тогаш не дојде на ред. Ја прочитав кога требаше да ја преведувам, а потоа ја преведував две години. Тоа е најтешката книга што сум ја преведувала. Но само со толку внимателно читање какво што постои, ми се чини, единствено кога човек преведува затоа што мора да го анализира сосредоточено секој збор и секоја реченица, ја открив генијалноста на тој роман. Киган и Ипи, пак, се авторки кои воопшто не ги знаев пред да бидам ангажирана за превод на нивни книги, и ми се вистинско откритие со нивните проникливи гледишта на современи теми.

Што Ве радува, а што Ве вознемирува, и како автор и како граѓанин?
Ова е навистина голема тема, многу работи ме вознемируваат, особено како граѓанин, и невозможно е овде да ги опфатам. Затоа, ќе спомнам само еден пример, иако ги има безброј. Ме вознемирува тоа што многу работи кај нас можат да се подобрат, а не се подобруваат, меѓу нив, како еден пример, е и образованието. Многу ја истражувам таа тема и имам впечаток дека во голем број случаи и за кои било предмети, знаењето се проверува врз основа на репродукција, а не на разбирање на материјалот што се учи. А разбирањето е многу поважно затоа што создава и покритичен однос кон реалноста, и овозможува знаењата да се поврзаат со и да се применат во реалноста, што е клучно за подобрување на општеството. Ме радува тоа што во дискусиите за време на часовите, меѓу студентите гледам токму ваков капацитет за подобрување. Тој капацитет го имаат сите ученици од сите нивоа на образование, и обврска е на оние кои учествуваат во образовниот процес да прават системски промени за да дојде до израз тој капацитет.
Дали вашето презиме Малеска обврзува или ви тежи?
Во секојдневен контекст, не чувствувам некој притисок во однос на презимето, моите книжевни активности ги доживувам како само мои, неповрзани со членови од семејството. Но, кога некој ќе ја спомне поврзаноста, на пример со Владо Малески како писател, дури тогаш сфаќам дека некогаш други луѓе ме поврзуваат со презимето Малески, и тогаш го чувствувам тоа како извесен притисок.
Кои се вашите понатамошни планови на книжевен план?
Засега малку одмарам на книжевен план. Сѐ уште живеам со романот „Светот што го избрав“. Повремено пишувам по некој расказ, но мислам дека, сепак, следната книга ќе биде повторно роман, иако засега ми е рано да почнам со концепти за тоа.