Истече рокот за поднесување кандидатури за локалните избори на 17 октомври


Ноќеска на полноќ истече крајниот рок до кога политичките партии, коалициите и независните кандидати и листи требаше да ги поднесат своите кандидатури за локалните избори на 17 октомври до Општинските изборни комисии (ОИК). Државната изборна комисија (ДИК) најави дека во текот на денов ќе ја соопшти точната бројка на поднесени кандидатски листи за изборите.

Откако Општинските изборни комисии официјално ќе ги потврдат сите кандидатури и тоа најдоцна до 18 септември, тие ги доставуват листите до ДИК за да биде извршено жребување за нивниот редослед, што треба да се одржи најдоцна до 23 септември. Кандидатите за градоначалници и листите за советници на една партија или коалиција добиваат ист реден број во сите општини. По извршениот жреб потврдените кандидатски листите ќе бидат објавени на веб страната на ДИК и огласени од страна на Избирачките одбори.

Предвидено е овластените претставници на сите политички партии, односно подносителите на листи на кандидати за локалните избори, најдоцна до 23 септември на централно ниво да потпишат Кодекс за фер и демократски избори, во организација на Државната изборна комисија, во соработка со Националниот демократски институт.

Со Кодексот за фер и демократски избори, што ДИК го усвои на својата седница одржана во петокот, учесниците во изборниот процес ќе се обврзат да ги почитуваат принципите на демократија и доброто владеење, со цел да се зацврстат фундаменталните вредности на демократијата и довербата во изборниот систем. Со Кодексот за фер и демократски избори учесниците во изборниот процес, исто така, ќе се обврзуваат да ги почитуваат законите кои се релевантни за изборите и да не вршат притисок врз гласачите, да не се користи говор на омраза и да не се врши дискриминација врз основа на пол.

Паралелно со ова, во ДИК во тек е обука на инструкторите за употребата на апаратите за земење отпечатоци од прстите што ќе се користат на локалните избори за биометриска идентификација на гласачите. За таа цел во текот на денешниот ден во земјава треба да тристигнат тројца обучувачи од Германија, кои ќе ја спроведат обуката.

Кампањата за локалните избори на 17 октомври започнува на 27 септември и ќе трае до 15 октомври на полноќ. Изборите ќе се одржат со почитување на мерките за превенција од ширење на Ковид-19.