Исмаили: Ќе ги решавам напластените проблеми на културните работници и институции
Ќе се залагам со сите мои можности, интелектуален капацитет и менаџерски способности да го одведам Министерството за култура еден чекор понатаму, да ги решам бројните проблеми наталожени со години. Можеби нема да успеам за сите, но ќе направам сè што е во моја моќ најголем број да ги решам. Министерството за култура го сфаќам како сервис, пред сè, на институциите што постојат во негови рамки, а и на сите културни работници, изјави новиот министер за култура Хусни Исмаили кој претпладнево ја презеде функцијата од сопартиецот во „Алтернатива“ Асаф Адеми.
Третиот министер за култура досега во Владата на Зоран Заев, рече дека во краткиот период што го имал откако го номинирала неговата партија, од својот претходник Адеми бил запознаен со главните насоки и, како што рече, крупните тешкотии со кои е опфатено Министерството. Од понеделник ќе има средби со луѓето од неговиот кабинет и со раководителите на сектори за да изготват план и програми за работа.
-Стратегијата и целите каде треба да се движи Министерството веќе се определени, ние треба да се занимаваме со тековните проблеми, напластените проблеми што ги мачат културните работници и институциите, рече Исмаили, кој е специјалист по ревматологија и доцент на Медицинскиот факултет на Тетовскиот универзитет.
На новинарско прашање како ќе се справува со спецификите на културата со оглед дека е лекар, одговори дека од помош ќе му биде богатото искуство во културата која го привлекувала заедно со спортот. Во 1990-тите години, рече, бил пионер во многу области – издаваштво, подготовка на документарни емисии, радиоемисии, уредник на првата радиодрама на албански јазик и дека тие негови активности траат и денес.
-За нас, лекарите, има општо мислење дека сме ограничени само на нашата дејност. Но лекарот е, пред сè, интелектуалец. Знам дека овде не откриваме научни вистини, природата на нештата во култура е сосема друга. Нема да откриваме топла вода, но ќе решаваме проблеми, ќе отвориме можности за културните работници и за институциите, додаде Исмаили.
Неговиот претходник Асаф Адеми рече дека особено го почитува Исмаили не само затоа што се, како што рече, партиски другари, туку го знае отпорано. Истакна и дека за разлика од неговото стапување на функција минатиот јуни, тој на својот наследник му предава и буџет и добра атмосфера во Министерството.
– Мислам дека господинот Исмаили е многу јак персоналитет и дека Министерството за култура ќе биде во сигурни раце. За разлика од првиот ден кога бев известен дека има нула денари во многу делови од буџетот за реализација на активностите, јас денеска го известувам министерот дека буџетот е консолидиран така како што е планиран. Верувам дека до крајот на годината и долговите ќе бидат нула денари. Исто така, за разлика од моите почетоци, во администрацијата сега има многу добри меѓучовечки односи и сигурно ќе има со кого да соработува, рече Адеми, кој од здравствени причини својата оставка ја соопшти на почетокот на мај.
Хусни Исмаили (1963), кого Собранието го изгласа синоќа, е третиот министер за култура во Владата на Зоран Заев од нејзиното формирање на 1 јуни 2017 година, откако на таа функција беа и Роберт Алаѓозовски и Асаф Адеми.
Медицинско образование стекнал на Скопскиот универзитет и на Универзитетот во Тузла, Босна и Херцеговина. Доцент е на Медицинскиот факултет на ДУТ, автор и коавтор на голем број научни трудови. Претходно работел како професор во средното медицинско училиште „Никола Штејн“ и бил матичен лекар и специјалист-интернист во приватни здравствени установи во Тетово.