Исмаил Кадаре: Ја доби наградата „Прозарт“ во Скопје, се заблагодари од Париз


Наградата „Прозарт“, која Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ му ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, оваа година му припадна на големиот албански писател Исмаил Кадаре за неговиот импозантен повеќедецениски романсиерски и есеистички опус, кој редовно предизвикува највисоки одгласи кај европската и светската критика. Поради неможноста фестивалот да се одржи во вообичаениот термин (крај на мај), лауреатот ја доби наградата, која се состои од статуетка и паричен дел, во неговиот дом во Париз, Франција.

Организаторите најавуваат дека 8. издание на фестивалот ќе се одржи наесен.

Во прозното творештво на Кадаре се преплетуваат минатото и современоста, митот и иронијата, индивидуалното и колективното, пренесени на многу специфичен и карактеристичен стилски и јазичен идиом, кои го издвојуваат неговото дело во групата на современите светски великани на литературата.

Со голема чест му ја доделуваме наградата „Прозарт“ на писателот кој ги одбележа втората половина на минатиот век и почетокот на новиот век со провокативноста и компактноста на неговите книжевни остварувањa, стои во образложението на одборот за доделување на наградата „Прозарт“. Одборот на наградата го сочинуваат: Ермис Лафазановски, претседател, Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови.

Кадаре е автор на повеќе светски познати книги, меѓу кои „Генералот на мртвата војска“, „Тврдина“, „Трострелниот мост“, „Пирамида“, „Наследникот“… Сите овие книги се различни во однос на тематиката, времето и просторот кои се обработуваат, но многу сродни во однос на етичките и стилски суштествени одлики на писмото на Кадаре.

Кадаре изрази благодарност за признанието.

– Се натажив што нема да можам да ја прифатам поканата на фестивалот за лично да ја примам наградата која љубезно ми ја доделивте, но поради моменталната пандемија, се надевам дека ова писмо на благодарност од далечина е доволно. Се разбира дека ми е особено важно дека наградата „Прозарт“ ја велича литература од Балканот и сум почестен што влегувам во друштво на досегашните лауреати на ова признание. Читателите на моите дела може првично ме сметаат за албански писател, и тоа е прилично разумно. Тие можеби ме сметаат и за автор кој истражува извесни настани во историјата кои не се важни само за балканскиот регион – Шекспир, грчката трагедија, Втората светска војна, аферата Пастернак.

Можеби, сепак, само читателите на Балканот се тие што можат најдобро да проценат како моите дела комуницираат со прашања за регионалниот идентитет – историја, топографија и сл. Можеби, исто така, еден албански читател или кинески читател би почувствувал одредена врска со мојот роман „Концертот“ – кој го истражува, меѓу другото, ненадејното заладување на кинеско-албанските односи – нешто што австралиски или аргентински читател не може да го почувствува така, а истовремено тој албански и кинески читател можеби нема да го паметат периодот во кој се случиле настаните или дури и не биле родени во тоа време. Го кажувам сево ова за да нагласам дека наградата што ја слави литературата на Балканот е особено добредојдено признание од истакнати литературни творци и горд сум што можам да дадам придонес, изјави Кадаре од Париз.