Искастрени дрвја во скопски ресторан, сопственикот плати казна

Фото: Независен

Казна од 2.000 евра доби сопственикот на ресторан на улица „Народен Фронт“ во Скопје кој за време на викендот ги исече сите гранки на шест здрави дрвја.
Ресторанот добил дозвола од Градот Скопје за поткастрување на гранките, но по извршениот увид на инспекторите е утврдено оштетување.
„Градот Скопје издава решенија или за сечење или за кастрење на дрвјата. Во конкретниот случај од нас беше побарано кастрење, односно кроење на крошните што е нормалн активност во одржувањето на дрвјата. За жал, при самиот процес не е постапено согласно одобрението коишто го има издадено Град Скопје и веднаш во неделата, дента кога се сечеа дрвјата, инспекторатот излезе на терен, но за жал за неколку дрвја беше премногу доцна да се стопира сечата и беше изречена казна која беше и платена во нашиот град, што порано и не било пракса. Ние не можеме да спречиме злоупотреби, но секогаш кога ќе има злоупотреба на одобренијата кои ги издава градот, ќе бидат санкционирани“, рече градоначалникот Петре Шилегов на прес-конференција.

Тој појасни дека овие дрвја се во приватна парцела и Градот не може да наложи уредување на дворот, но можат да го казнат сопственикот, а за јавниот простор, најави дека ќе се потрудат да го зголемат зеленилото.
„Наидува есента, период кога се започнува садење зеленило. Во период на вакви горештини не се сади. Само ќе ве потсетам дека ние отворивме нов парк во Малиот ринг. Предвидуваме и еден дрводред околу скопскиот плоштад, а редовните активности на засадување дрвја се рутина“, рече Шилегов.
До сега, Градот Скопје има засадено повеќе од 18.000 садници, а Шилегов најавува дека тоа ќе продолжи секоја година до крајот на неговиот мандат.(Б.Б.)