Инженерите се двоумеле, но ги послушале Мицкоски и Николоски за карпата во Дреновската Клисура

Едниот е правник, а другиот машински инженер, па сепак нивната оценка за една од критичните точки на експресниот пат низ Дреновската Клисура била поважна од мислењата на градежните инженери. Така барем тврди вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Тој и премиерот Христијан Мицкоски поучени од трагедијата во Нови Сад и падот на настрешницата на железничката станица речиле да се отстрани големата карпа на патот од Дреново до Фариш и инженерите се согласиле со тоа, иако имало различни мислења.
„Изградбата на втората фаза од експресниот пат Прилеп-Градско, односно делницата од Дреново до Фариш беше еден од најкомплексните проекти кои во моментов се градат во Македонија, а во последната година се направи повеќе отколку во деветте претходни години“, рече Николоски во гостувањето на Сител.
„Се работи за комплексен проект, но причините зошто доцнел се бројни, од промена на изведувач, имаше обвинувања дури и за корупција, но суштинскиот проблем е затоа што немало посветеност. Се работи за вториот најкомплексен проект кој што во моментов се работи во Македонија, после Охрид-Кичево“, рече Николоски.
Министерот за транспорт оценува дека првичниот проект бил лош „затоа што цела планина надвиснуваше над експресниот па, и минатата година ние одлучивме дека нема да правиме заштита со мрежа, или со одредени челични сајли кои што беа предложени, туку дека едноставно ќе ја поместиме планината за да имаме безбедност. Ние почнавме за ова да размислуваме некаде околу септември-октомври, кога имаше поделени мислења од одредени инженери. И јас и премиерот од прв ден бевме на мислењето дека треба да имаме безбедност на начин што ќе се отстрани тој дел од планината. Откако се случи онаа несреќа во Нови Сад со железничката станица, сите се сложија на нашето мислење, затоа што и таму беше со челични сајли онаа настрешница, па, за жал, заврши трагично. Затоа одлучивме од Градско до Дреново да го пуштиме во јануари, а овој дел наместо во март, како што беше првично планирано, да го пуштиме еве крајот на јуни“, рече Николоски.