Инвеститорите на Тесла недоверливи и покрај најавата на Маск за повлекување од политиката

По најавата на Илон Маск дека во мај ќе го прекине својот политички ангажман во Одделот за ефикасност на Владата на САД (ДОГЕ) се зголеми вредноста на акциите на неговата фирма Тесла, но голем број онлајн трговци истакнаа дека компанијата веќе претрпела штета.
Одлуката на Маск да се повлече од политиката уследи по неколкумесечните критики од инвеститорите дека е преоптоварен и недоволно фокусиран на Тесла, особено по преземањето на социјалната мрежа Икс (Х) во 2022 година.
Иако пазарот позитивно реагираше на најавата на Маск, многу инвеститори се скептични за можноста за значително закрепнување на Тесла.
Возилата на Тесла се повеќе завршуваат на пазарот на половни автомобили, додека продажбата бележи пад во клучните региони како Европа, Кина и САД.
Приходот на Тесла во првиот квартал изнесува 19,3 милијарди долари, што е значително под очекуваните 21,4 милијарди долари. Приходите од продажба на автомобили се намалени за 20 проценти во споредба со минатата година. Вредноста на акциите на Тесла е за 35 отсто пониска од почетокот на годината.