Инвеститорите на комплексот спроти „Холидеј ин“ идната недела ќе го претстават проектот
Откако во јавноста се појавија многу реакции околу изградбата на комплексот спроти хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје, компанијата „Фешн“, која е еден од инвеститорите, се огласи со соопштение во кое најави дека идната недела на средба со медиумите ќе го претстави проектот за да биде јавноста целосно информирана.
„Со оглед на фактот што во медиумите во континуитет се споделуваат макети – разни визуелизации на проектот кој е предвиден да се гради на парцелата спроти ‘Холидеј ин’, а дополнително на социјалните мрежи почна да циркулира онлајн петиција против изградба на висококатници спроти ‘Холидеј ин’, сакаме да ја информираме јавноста дека работиме на подготовка на презентација на проектот кој во текот на следната недела ќе го претставиме на организиран настан со медиумите.
На презентацијата точно, вистинито и целосно транспарентно ќе информираме за отпочнување на процесот на изградба на комплексот. Визуелизациите кои се споделуваат на интернет и со кои се подгрева отпор кон проектот ни одблиску не кореспондираат со реалниот проект, неговата вистинска слика и вредност.
Сосема спротивно на она што се споделува, станува збор за модерен, целосно еколошки и енергетско ефикасен проект, изработен според највисоки еко стандарди и согласно сите законски прописи во земјата“, велат од „Фешн“.
Оттаму додаваат дека тие како инвеститори за тројно ја намалиле катноста која ја дозволувал актуелниот ДУП Градска четврт Ц08 и сега зградите наместо 60 ката ќе имаат по 20.
„Предвиден е урбан комплекс со многу јавно зеленило и објекти со тројно намалена катност од дозволената, каде ќе се применат најсовремени материјали и дизајн, достоен за 21 век. Остануваме достапни и целосно отворени за соработка со медиумите. Во интерес на фактите и вистината, да ја информираме јавноста за комплексот онаков каков што тој навистина ќе биде“, се нагласува во соопштението.
Ситуацијата околу изградбата на комплексот стана повторно актуелна откако Уставниот суд го укина мораториумот на Општина Центар за градење, а фирмата „Обновители“ , на инвеститорите „Фешн“ и МПЦ, веќе уплатиле околу 2,4 милиони евра за комуналии. Следниот чекор за нив е да добијат градежна дозвола од Општина Центар.
Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, изјави дека според стариот план биле предвидени за градење 200 илјади квадрати, а сега со измената на идејното решение што ја направиле инвеститорите површината е намалена на 88 илјади.
Идејното решение на проектот е на архитектот Мартин Пановски.