Инвеститори заработија 15 милијарди долари кладејќи се на пад на акциите на „Тесла“


 

Таканаречените „шорт селер“ (продавачи на краток рок) заработија 15 милијарди долари оваа година обложувајќи се дека акциите на „Тесла“ ќе изгубат на вредноста. Имено, околу 800 милијарди долари од вредноста на „Тесла“ беа збришани во 2022 година, покажува ново истражување.

Кратка продажба е стратегија за инвестирање или тргување која шпекулира со пад на цената на акциите или другите хартии од вредност. Тоа е напредна стратегија која треба да ја преземаат само искусни трговци и инвеститори, пишува Инвеститор.

Анализата на S3 Partners покажа дека облозите на акциите на „Тесла“ се покажаа како најпрофитабилни во 2022 година, додека „шортувањето“ во однос на акциите на „Амазон“ донесе поврат од 6,2 милијарди долари.

Според анализата интересот за обложување против „Тесла“ почна да опаѓа во април, кога акциите почнаа да губат вредност, намалувајќи ги потенцијалните приноси, но повторно се зголеми во септември, бидејќи купувањето на „Твитер“ од Илон Маск влезе во последната фаза. Околу 3 отсто од акциите на Tesla биле предмет на ваков начин на продажба („шортувани)“.

 

Инсајдер пишува дека Бил Гејтс е еден од оние кои се обложиле против „Тесла“ и дека Маск рекол дека изгубил две милијарди поради тргувањето со акциите на производителот на електрични возила.

Вредноста на „Тесла“ падна за повеќе од 800 милијарди долари оваа година. Компанијата имаше вредност од 1,24 билиони долари на својот врв во ноември 2021 година, додека минатиот петок објави пазарна капитализација од 385 милијарди долари. Акциите ја започнаа годината со речиси 400 долари, а сега се околу 120 долари, што е намалување за околу 70 отсто.

Сопственоста на Маск во „Тесла“ бележи пад на неговото богатство на 132 милијарди долари оваа година, според индексот на милијардери на „Блумберг“, а тој повеќе не е најбогатиот човек на светот, откако беше престигнат од Французинот Бернар Арно.

Што е продажба на кратко

Кратката продажба вклучува позајмување хартија од вредност чија цена мислите дека ќе падне и нејзино продавање на отворен пазар. Вашиот план е потоа да ги купите истите акции подоцна, надевајќи се на пониска цена од онаа за која првично сте ги продале, и да ја внесете разликата во џеб откако ќе го вратите почетниот заем.

Продавачите „на кратко“ се обложуваат дека акциите што ги продаваат набрзо ќе паднат во цената. Ако акциите навистина паѓаат по продажбата, продавачот на краток рок ги купува назад по пониска цена и му ги враќа истите на заемодавачот. Разликата помеѓу продажната цена и куповната цена е профитот на продавачот „на кратко“.

На пример, да речеме дека некоја акција се тргува по 50 долари за акција. Позајмувате 100 акции и ги продавате за 5.000 долари. Цената наеднаш паѓа на 25 долари по акција, во тој момент купувате 100 акции за да ги вратите на оној од кого што сте ги позајмиле, спечалувајќи притоа 2.500 долари.

„Тесла“ не е имуна на пошироката пазарна продажба во услови на висока инфлација и зголемени каматни стапки кои го намалија S&P 500 за речиси една петтина оваа година.

Но, Маск цврсто одбиваше да направи врска помеѓу неговата вклученост на „Твитер“ и сè помалото богатство на „Тесла“, и покрај тоа што неколку инвеститори од висок профил го молеа да го сврти своето внимание кон производителот на автомобили.

Наместо тоа, тој се обиде да го обвини режимот на Федералните резерви за зголемувањето на каматните стапки, за кои тој тврди дека ги прави сите акции – не само на „Тесла“, помалку привлечни за поседување.

Извршниот директор на „Твитер“ продаде акции на „Тесла“ во вредност од 3,6 милијарди долари оваа година за да ги финансира операциите на социјалната мрежа, бидејќи се обидува да ја обликува страницата на социјалните медиуми околу неговата визија.

Во четвртокот Маск рече дека нема да продава акции на „Тесла“ најмалку 18 месеци.