Интервју со Петар Богојески: Ако ја сака државата, Груевски да се врати и да одговара

За Богојески екс-лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е како „Јанукович од Македонија“, кој никогаш нема да доживее историска валоризација ако остане надвор од државата


Кај вмровците туркањето на Груевски од власт е сфатено како трагедија и дека тоа го направил Западот со сила, вели Петар Богојески (Фото: Б. Грданоски)

 

Големата русофилија во земјава е резултат на тоа што мнозинството овде мисли дека на тој начин ќе се одмазди на Западот, бидејќи тој ни го сменил насила името, нѐ излажал околу влегувањето во ЕУ, ни направил ваква или онаква неправда. Но, тоа нема врска со реалноста, вели предводникот на „Македонски концепт“, Петар Богојески. Во интервју за „Независен“ тој образложува дека Русите во историјата немаат направено некакво големо дело за Македонија, а со создавањето на Санстефанска Бугарија го поставија темелот на вековните аспирации на Софија кон нашата држава и мкаедонскиот народ.  Според Богојески, Американците можеби не се најголеми демократи и најправични на светот, но во моментов се најдобри за Македонија. Тој додава дека ќе се залага за конфедерација со Грција зато што ни бил „заеднички македонизмот“.

 

Вчера САД го ставија Никола Груевски на црната листа. Што мислите, дали е  тоа крај на неговите надежи дека може да се врати во земјата без судења?  

Јас и Груевски не сме во комуникација, ниту сакам да бидеме. Според мое мислење, Груевски треба да се врати во Македонија и да си одговара пред судските органи на земјата, ако сака воопшто низ историјата да се престави како некој кој вистински сакал оваа земја да успее. Колку што Ванчо Михајлов некогаш во историјата ќе биде рехабилитиран, колку и да сакал независна Македонија, толку ќе успее и Груевски. Нема шанса. Ниту еден дисидент не добива своја историска валоризација, бидејќи со бегањето од државата никогаш нема да бидеш херој во таа држава.

Еве, земете ги примерите со Зеленски и Јанукович. Јанукович избега во Русија на првиот ден од револуцијата, кога се запалија молотови коктели и автомобили на Мајдан. Заврши Јанукович со Украина. Видете го Зеленски? Изјавата дека Америка и Британија му нуделе евакуација од Украина во секој момент, а тој им кажал дека дека не му треба тоа туку сака оружје да ја брани татковината, за мене го прави  херој. Тоа е сакање да ти успее државата. Лекција одржа на цела Европа од патриотизам, а ние го понижуваме како комичарот. Груевски не може да се носи со Зеленски, да се носи со тој тип на патриотизам. Со таква улога. Најдобро му е да се врати во Македонија и да си одговара пред судските органи.

Мене министерот Оливер Спасовски, како што дознавам, ми подготвувал кривична пријава за ширење нетрпеливост на верска и национална основа. И, јас сега што да правам? Да избегам од земјата? Не, ќе останам тука и ќе одговарам пред македонските органи, ако треба и ќе одам во затвор. Ме избркаа од работа –  ако, ќе се борам и ќе ја докажам мојата вистина во рамките на мојата држава. Така ќе докажам дека сум определен оваа држава да успее. Ако избегам, што ќе докажам? Поентата е да живееш како 90 проценти од народот, да се посветиш на системот и таму каде што живееш да ги смениш работите. Од страна не можеш ништо.

 

Од Русија ни порачаа дека нашата политичка одлука да даваме поддршка на  Украина е спротивна на расположението во земјата?

Прво треба да се запрашаме зошто имаме таква русофилијата во земјата, која, според мене, е огромна. Мнозинството овде мисли дека ќе се одмазди на Западот на тој начин, бидејќи тој ни го сменил насила името, нѐ излажал околу влегувањето во ЕУ, ни направил ваква или онаква неправда, заедно со неправдите од 2001 година… Сето тоа во една чаура на нетрпеливост и комплекс на нацијата се издиши со поддршка на Путин, во смисла дека еве сега ќе се сменат нештата во светски рамки. Но, тоа нема врска со реалноста.

 

Но, тоа не ја објаснува поддршката, на пример, на Ердоган кај нас и повеќе личи на поддршка на цврста рака отколку на гнев поради името.

 Да, ние сме такви, сакаме автократи. Но, ние Македонците не размислуваме кој е интересот на државата, туку тргнуваме од инает, и сега за инает на некого ќе бидеме на страната на Путин, на Кина, на Ердоган. А, тој инает е против нас.

Реалноста, пред сѐ, е дека ако Русија стане светски лидер и најмоќна на светот, Македонија нема да постои веќе. Ние ќе мора да избереме дали да станеме Срби или Бугари. Тоа е рускиот план – да не постои Македонија. Русија беше учесник во задушувањето на Илинденското востание. Русија ја предложи и ја поддржа поделбата на Македонија меѓу Бугарија, Србија и Грција. Русија е таа која го поддржа бугарското вето за Македонија и која ги создаде сите теории за непостоење на македонската нација. И, сега, како ние, за инает на Американците или бидејќи сме нервозни од некого во Европа, ќе го поддржуваме сатрапот кој е најмногу против нас во Македонија? Јас не велам дека Американците се најдобри и најправични на светот, дека се најголеми демократи или дека се единствени пријатели на Македонија, ама се во моментов најдобри за Македонија. И, сега, за инает на Американците, заради некоја неправда што ни ја направиле…,

 

Која неправда?

Тие мислат дека 2001 година Американците застанале зад албанските терористи, дека ги извлекувале од Арачиново и ние не сме ја добиле таа битка заради нив, дека Американците ни го смениле името насила и нѐ натерале да направиме некакви други отстапки , што не е така, но е дел од друга анализа. Дали, пак, ако сме поблиски со Русите тоа ќе се смени? Небулозно е и смешно тоа да се тврди. Јас гарантирам дека Русите ќе направат сосема обратно. Како прво, нема да постоиме како Македонци. Како второ, проектот за Голема Албанија е руски проект, на СССР, преку Албанија на Енвер Хоџа за да го урнат Тито. Русите се автори, исто така, на Санстефанска Бугарија и тие го создадоа планот за поделба на Македонија меѓу Бугарија и Албанија. Ние поддржувајќи го Путин, го поддржуваме токму тоа.

Јас ги разбирам Бугарите зошто се русофили, тие имаат причина за тоа, ама ние немаме никаква причина. Одеса е градот на македонската преродба, градот каде што треба да има македонски споменик и ние Македонците треба да одиме таму како на аџилак, за да разбереме кај имало единствени услови во светот да се создаде слободарска македонска мисла, за да се развие македонски национален идентитет. Македонците сега навиваат за бомбардирање на Одеса на социјалните мрежи, таму биле „нацистите и фашистите“… А, Одеса е македонскиот Ерусалим.

Тука има вина и на странците. Американците и Европејците претеруваат со локализирана поддршка кон албанската заедница. Сега не им треба поддршка на албанските училишта туку им треба на тие на исток, во Валандово, во Пехчево, бидејќи овие првите станаа мега школи во однос на нив. Македонската етничка заедница тоа го сфаќа погрешно како порака. Ако западните земји стојат цело време на страната на една етничка заедница, ние ќе бидеме против нив.

Исто така, туркањето на Груевски од власт е сфатено како трагедија кај вмровците и дека тоа го направил Западот со сила. Не дека така имаше потреба тоа да се случи, заради борбата со криминалот, корупцијата и заробената држава, туку како дело на Западот против Македонија. И, сега за инает сите вмровци кои изгубиле некаква позиција, можност за вработување и функција, сите од инает му даваат поддршка на Путин. Тоа е голем проблем. А, ако ги прашаш, две реченици не знаат за Русија, кој е Путин, чие наследство е, што значи болшевизам, што значи царска или советска Русија…

Богојески вели дека ќе се залага за конфедерација со Грција (Фото: Б. Грданоски)

Освен проруски емоции, има ли и конкретно руско влијание кај нас?  

Има, и честопати руското влијание во Македонија се користи  за ловење политички поени и популизам. Ние во Македонија реално имам пресилно руско влијание, премногу пари истура Русија во Македонија, има создадена мрежа на Русија во Македонија, агентурска и финансиска, присутна е и во новинарската фела, меѓу квази новинари кои се на нејзин платен список. Но, имаме и турска мрежа, а сега и српска, поттикната од актуелната власт која место проевропска станува просрпска и е виновна за проруското расположение. Ни треба вакцини, кој ќе ни даде – Србија. Ни треба масло, кој ќе ни даде – Србија. Ни треба брашно, кој ќе ни даде – Србија. Кој ја прави таа престава за хиперзависност од Србија? Сега влезе кај нас и српскиот телекомуникациски оператор „Мтел“. Дури и во времето на Груевски не беше така зависна Македонија од Србија. Што правиме сега, европеизација или србизација на Македонија? Затоа не се црно-бели работите, дека СДСМ е европска партија, а ВМРО српска или проруска партија.

 

Зар не треба  да имаме подобра соработка со соседите?

Ние кога ќе се формираме како партија ќе промовираме шанса за пријателство со секого. Ќе им дадеме шанса за пријателство на Србија, на Албанија, на Бугарија, која сега се плаши од нас. Јас би дал и шанса за конфедерација со Грција, на Македонија таму ѝ е портата кон светот, во Солун. Била и ќе остане последните две-три илјади години. Јас се залагам за конфедерација и комплетно отворање кон Грција. Зошто? Затоа што со Грција ни е заеднички македонизмот. Јас можам да договорам со Грција тргнување на името Северна од Македонија врз база на расчистување на проблемот со македонизмот. Нејзиното влијание на Балканот и воопшто ќе се засили со една таква евро-балканска конфедерација која би била најбрза опција за наше влегување во Европа. Грција сака да има поголемо влијание на Балканот и не сака Македонија да биде подредена на Турција. Имам начин како да ја убедам Грција да го тргне Северна, до степен на конфедерација и на тој начин да влеземе во ЕУ, доколку  Софија одбива да биде рационална и да се свести дека ние Македонците никогаш нема да прифатиме зборот европеизација да подразбира ребугаризација на Македонија. Никогаш. Ако не го сфати тоа Бугарија, за разлика од „Отворениот Балкан“ на Зоран Заев, јас нудам влез во ЕУ преку Солун и Атина. Јас не сакам Македонија да биде заложник на Косово, бидејќи додека не се реши спорот за него, никој нема да влезе вака во ЕУ.

 

Која е Вашата политичка легитимацијата, дали сте левица или десница? И,  како би дејствувала Вашата партија, ако решите конечно да ја формирате?

Зошто ѝ е на земјава уште една партија? Веќе има стотина. Партијата што јас би ја направил – ете собравме илјада изјави – во моментов ќе се перципира како некакво отцепување од ВМРО-ДПМНЕ, заради мојот имиџ на човек кој бил во раководството на таа партија и се судрил со него. Таа ќе се перцепира како една од многуте партии направени досега. Џабе е да ја правиме таа партија. Ништо нема да понуди различно од она што има денес. Или ќе направиме партија која ќе биде перцепирана како поинаква, како партија која има капацитет да направи системски промени, или нема да ја регистрирам.

Втората дилема е – врз мене се истурија многу валканици и прашина. Во јавноста за мене има перцепција дека сум гладен за функција, дека Богојески не знае кај побрзо да се сврти да ја добие, дека го напуштил ВМРО-ДПМНЕ од интерес. На јавноста не ѝ е презентирано ниту моето семејно стебло, ниту социјално потекло, ниту моите амбиции, ниту моите согледувања на состојбите и начинот како би го смениле системот. Многу мои пријатели ми порачуваат – пред да ја формираш партијата, прво мораш да го ребрендираш својот личен имиџ. Зошто таа да биде осудена на пропаст поради погрешниот впечаток или лошиот имиџ создаден за лидерот? Јас се обидувам таа партија да не биде султан партија, заради тоа си отидов од ВМРО –ДПМНЕ.

 

До кога можете да чекате?

Јас сум определен да се занимавам со политика следните 20 години. Не заради друго, тоа сум по профсија, за тоа сум школуван, партиски и како професионалец. Сите мои школи, и факултетите, и магистратурата и специјализацијата, се поврзани со политика, докторатот во Софија, па и докторотот со Скопје е за економијата во политиката. Но, колку ќе трае ребрендирањето, никој не може да каже. Ни јас немам одговор за тоа.

Прво, не е презентирано за мене дека потекнувам од семејство кое е пример за чесност и посветеност на државата и на татковината, и од родители кои не украле во животот ниту еден денар. Биле стечајни работници од 1991 година, а никому ништо не должат и школувале деца без да направат ниту еден денар криминал во оваа држава. Јас имам дедовци од двете „револуции“ – и од Илинденската, и од Втора светска војна, кога мојот дедо заминал на Сремскиот фронт. Тоа е причината поради која сум влегол во политиката, бидејќи јас за политика сум разговарал уште како дете, дома со мојата баба.

Второ, околу амбициите. Имам легитимни амбиции како секој,  но малку сум чуден. Или дајте ми можност да менувам систем, или не сакам воопшто да се занимавам со политика. За да добијам некоја функција како директорче и да украдам некој денар – не го сакам тоа. Можам да направам пари и без таква функција. Во моментов потпишувам договор со американски хеџ фонд и ќе бидам преставник за цела Југоисточна Европа, така што ќе заработувам сериозни пари. Тоа што изгубив работно место во Министерството за одбрана не треба да се сфати дека конечно сум останал без леб. Значи, не е до лебот, до принципот е, дали треба некој да се казнува за вербален деликт или не.

Откако си отидов од ВМРО-ДПМНЕ многу сум растоварен и не планирам да се враќам, вели Богојески (Фото: Б. Грданоски)

Јас во администрацијата сум пример за професионалец кој не употребил ни еден денар државни пари за ручање од мојата месечна репрезентација, која ми следува како државен советник. Неа не сум ја користел десет години, ниту еднаш не сум патувал во странство на државна сметка иако сум можел секоја недела, ниту еднаш не сум зел ниту една дневница надвор од платата. Како човек со амбиција да го сменам системот, според сите што ми мислат добро, треба прво да ги презентирам добро, па да одам со партија.

 

Колку сте реално одвоени од ВМРО или поинаку, кажано, што Ве прави близок и што Ве оддалечува од таа партија?

Последните две години како член на ВМРО-ДПМНЕ ги чувствував многу тешки. Претходно имав некаков романтизам, некоја носталгија, бидејќи пораснав со ВМРО. Но, сега сум толку ослободен од тие чувства и, кога ќе ја погледам ВМРО-ДПМНЕ, таа е некоја друга партија што јас не ја гледам со исти очи, иако  самиот не верував дека ќе дојде ден.

Што ме поврзува? Прво, јас сум вмровец, конзервативец како човек. За жал, ВМРО ДПМНЕ се перцепира како партија која има монопол врз историското и културно наследство на револуцијата, на организацијата и на борбата за слобода на Македонија. Тоа не е така. Вмровец може да биде и левичар, бидејќи во историјата вмровците биле и левичари и десничари. Вмровец може да биде и човек од СДСМ, и од ЛДП, од сите партии. Во тој поглед јас ќе останам вмровец до крај на животот. Такво ми е семејното стебло и наследство. Пораснат сум со Каревци дома, во куќата кај што се родил и живеел Никола Карев. Тоа ме прави близок со луѓе кои имаат романтика кон Илинденскиот период.

Што ме прави различен? Клиентелизмот. Ми се повраќа кога ќе помислам дека луѓе буквално се откажуваат од себеси, од сѐ што имаат како човечко достоинство, од целосниот интегритет само заради некоја придобивка што ќе ја добијат преку функција, и тоа важи за сите партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ. Тој развој на клиентелизмот до совршенство, особено за време на Никола Груевски, мене ме правеше да се згрозам. Јас не можам да се вратам или да бидам дел од структура која заборавила на Илинден, заборавила на борбата за европска Македонија, а се претворила во структура која мисли само како да подели функции, пари, кариери, смешни кариери. Јас не можам да бидам дел од структура „купи ден помини“. Затоа, не планирам да се враќам.

 

Што очекувате на политичката сцена наредните месеци?

Дел од политичките лидери ми кажуваат дека се нужни изборите, но голем дел говорат дека има некој премолчен договор меѓу власта и опозицијата тие да се случат во 2024 година, заедно со претседателските. Лично мене ми одговара да бидат тогаш, но на граѓаните им требаат брзи избори. Меѓу онаа народната „брза кучка слепи кучиња раѓа“ и онаа за „задоцнета револуција е како да немало револуција“, не може да се каже што е подобро за граѓаните. Но, јас сум убеден дека избори треба да има оваа година, за да се направи сериозна измена во структурата на управувањето со државата.

Која е таа сериозна измена. Ако мислиш дека ВМРО-ДПМНЕ е сериозна измена, тогаш ти си за ВМРО-ДПМНЕ? Така ме перцепираат. Јас морам да признам дека не гледам во ВМРО-ДПМНЕ некои особени капацитети  – интелектуални, политички, човечки кадровски – кои можат да направат некоја вистинска промена. Но, од друга страна, полошо од ова сега не може да биде. Мислам дека злоупотребата на власта за лични цели стигна до тој степен хибридниот режим да ја надмине заробената држава на Груевски, па сега имаме ситуација кога луѓето велат –живеевме под тортура на Груевски ама барем имавме економска и некаква политичка стабилност, сега го немаме ниту едното ниту другото.

Дојдовме до ситуација да добијам отказ на работно место за вербален деликт, за споделена вест од медиум во врска со руското влијание во Македонија и во Бугарија, и тоа лани, пред времето. И јас не сум единствен таков случај. Има десетици луѓе што се дискриминирани и ширканирани по етничка верска и посебно политичка припадност. Ако тоа не е сменето на подобро, тогаш и единствената причина за доаѓањето на СДСМ на власт преку Шарената револуција е  промашена. Сега не можеме да кажеме дека оваа влада е поуспешна со странски инвестиции од таа на Груевски, дека е поуспешен економски систем, освен што зборуваме за демократизација и европеизација на општеството. 

 

Нели се преголеми очекувањата од Влада која од четири и пол години на власт две години се соочи со корона вирусот?

Неспорно е, но тоа не дава оправдување за злоупотреба на функциите. И Груевски кога беше на власт имаше финансиска криза но тоа не му даваше оправдување за злоупотребите. Короната не е причина Рашкоски и Зекири да си земаат колку сакаат од буџетот.

 

Но одговараат, и тоа брзо.

Се согласувам дека има одговорност. Но оваа влада дојде со намера да не злоупотребува, да се справи со злоупотребите. Сега се констатира дека е иста како таа на Груевски. Јас не викам дека е подобра или полоша туку дека е минимум иста, а во некои работи во управувањето со државата и полоша. Очигледно е дека ние имаме системски дефект. Џабе ќе биде Петар премиер ако не создадеме систем кој е имун на ова што се случува. Шансата за „Македонски концепт“  ја гледам во создавање партија која ќе промовира системски решенија.