Интервју со Павле Трајанов: Владата има голема шанса, ВМРО-ДПМНЕ е потонато во коруптивен шинел

Обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека сите освен нив се заглавени во криминал и корупција ми личи на обид за етаблирање на пософистициран авторитарен систем


 

Близу сме до целта конечно Македонија да биде една изборна единица, вели лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, во интервју за „Независен“. Тој вели дека СДСМ и помалите партии имаат доволно гласови да ги донесат изборните измени. Според него, објавата на ВМРО-ДПМНЕ дека е за една изборна единица е политички блеф. „ВМРО-ДПМНЕ ја условува нивната поддршка со излез на помалите партии од власта“, нагласува Трајанов. Лидерот на ДС уште вели дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува помалите партии брутално, неосновано и без факти ги дискредитира, обвинувајќи ги за криминал, за уцени, очекувајќи да го напуштат парламентарното мнозинство. „Граѓаните знаат кој од оваа држава извлече над две милијарди евра“, вели Трајанов во интервјуото.

 

Уште пред формирањето на новата влада трите помали партии од парламентарното мнозинство станаа цел на жесток напад на ВМРО-ДПМНЕ. Која е основната причина за тоа?

Повеќе од една година раководството на ВМРО-ДПМНЕ најавуваше дека има ново парламентарно мнозинство, посочувајќи дека разговара со партии коалициски партнери на СДСМ. По локалните избори, оставката на претседателот на Владата, Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ обезбеди 61 потпис и поднесе барање за интерпелација на Владата. Меѓу нив имаше и пратеници од Беса, партија која на изборите беше во коалиција со СДСМ, како и Алијансата, Алтернатива и Левица. Но не успеа да ја урнат владата и да отворат пат за формирање на политичка влада. Морам да нагласам, доколку беа трпеливи оставката на Заев да се формализира, тогаш можеа со 61 пратеник да бараат мандат за нова влада или да го распуштат парламентот, и да се оди на предвремени избори. Инаку, веќе имале подготвен нов владин кабинет. Но тоа сценарио не се оствари и затоа раководството на ВМРО-ДПМНЕ се обидува одговорноста да ја префрли на помалите партии, брутално, неосновано и без факти ги дискредитира, обвинува за криминал, за уцени и сл,. очекувајќи да го напуштиме парламентарното мнозинство. Само луѓе без карактер и на кои ништо не им значи даден збор, можат да ги менуваат страните и да бидат дел од берзата за трансфер на пратеници.

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во првата дискусија при изборот на новата влада рече дека сте дел од мнозинството поради две работи: или сте уценети или сте криминализирани. Таа реторика тече сите денови оттогаш. Тоа сте прилично тешки оценки. Кој е криминализиран – Демократскиот сојуз или ВМРО-ДПМНЕ.

Повеќемина од врвот на ВМРО-ДПМНЕ говорат од „белата палата“, изградена од капитал стекнат на криминален начин, партија чии видни членови се веќе осудени за тешки облици на криминал или против нив се води кривична постапка. Демократскиот сојуз е чиста партија и сите обиди за дискредитација ги отфрламе, бидејќи, меѓу другото, тоа се резултат на конструкции на лица со психијатриски дијагнози, без кредибилитет и желни за власт. Неуспешен им беше обидот да го дискредитираат директорот на ЈП „Градски паркинг“ од Скопје, а преку него и ДС. Замислете, фалсификуваа податоци од редовната активност за да обвинат активисти на други партии, а лица од раководството на ВМРО-ДПМНЕ ги нема меѓу привилегираните. Граѓаните знаат кој од оваа држава извлече над две милијарди евра.

 

ВМРО-ДПМНЕ вели дека се понижувате самите себеси со тоа што сте во владата на Димитар Ковачевски. Што мислите – може ли целата партија сама да се понижува, како што тврди опозицијата?

Демократскиот сојуз на парламентраните избори во 2020 година беше дел од коалицијата предводена од СДСМ. Ние јавно го соопштивме нашиот став доколку ВМРО-ДПМНЕ обезбеди парламентарно мнозинство – Демократскиот сојуз ќе биде во опозиција. По оставката на Заев водевме долги разговори за приоритетите на новата Влада, при што мандатарот Димитар Ковачевски вгради дел од тие приоритети, меѓу кои и борба против тешките облици на криминал и висока корупција, финансиска поддршка на младите со високо образование преку нивно вработување, преиспитување на монтираните судски процеси и темелна реформа на изборните правила. СДСМ и коалициските партии понудија програма, а ВМРО-ДПМНЕ деструкција, неосновани напади и дискредитација на сите други освен нивните коалициски партнери.

Демократскиот сојуз е автентична и препознатлива политичка партија која за секое прашање има свој став и јавно го соопштува. Новата влада предводена од Димитар Ковачевски има голема шанса, но и одговорност да направи пресврт и постепено да се справува со предизвиците со кои се соочуваме: евроинтеграциите, енергетската криза, пандемијата, криминалот и сл. Само од резултатите зависи дали ќе постои наредните две и пол години.

Со политика што ја води опозицијата, без програма, без поширок коалициски капацитет, ќе остане подолго време во опозиција. Само критика без понуда на решенија, нема поддршка од граѓаните. Сега ја имаат општинската власт, тоа е шанса за нив да покажат дека се извлекле од коруптивниот шинел.

 

Македонската политика се претвори не во натпревар на идеи, идеологии и визии туку во бескраен круг на само безмилосни обвинувања за криминал и корупција. ВМРО-ДПМНЕ тврди во популистичка исклучивост дека само тие го претставуваат народот во државата. Кон каде води ова?

Исклучивоста, самобендисаноста и ароганцијата не се никаква гаранција за успех и имплементација на демократските вредности. Мене повеќе ми личи на обид за етаблирање на пософистициран авторитарен систем. Само неколку работи да посочам: беа против пописот и затоа над 200 илјади иселеници не се попишаа, водат подземна кампања за да не се вакцинираат граѓаните, за потоа да ја претстават власта неспособна да се справи со пандемијата, или го оспоруваат Преспанскиот договор, а осум нивни пратеници гласаа за него и ништо не направија да спречат негова ратификација. Јас сум за силна опозиција која критички ќе ги опсервира активностите на Владата, но ќе биде конструктивна кога се работи за националните и стратешки интереси на Македонија.

 

Во расправата при изборот на новата влада предложивте да се формира независна агенција за борба против криминалот, иако, како што наведовте постојат и седум други. Дали овие седум агенции треба да се укинат и да постои само новата и дали е тоа вистински рецепт за успех?

Демократскиот сојуз има подготвено проект за декриминилизација „Декри“, кој предвидува системски промени за ефективна и ефикасна борба против тешките облици на криминал и висока корупција. Предвидуваме формирање агенција за борба против криминалот, целосно самостојна, со директор кој ќе го поставува борд составен од претставници на новинарите, невладиниот сектор, универзитетски професори и пратеници (еден од власта и еден од опозицијата), високо професионална, која ќе открива тешки кривични дела, ќе го детектира скриениот имот на носителите на организиран криминал, ќе предлага конфискација на имотот стекнат на криминален начин и забрана на политичко дејствување. Имаме седум институции за откривање и сузбивање на криминалот, но тие се партизирани и без координација, сите под контрола на владата и без позначајни резултати. Новата агенција треба да биде составена од врвни професионалнци, со широки овластувања, која ќе работи само на тешки случаи (на пример, јавни набавки над 500.000 евра), ќе ги координира активностите на другите институции и ќе има можност да презема случаи од нив. Драфт верзијата на законот е подготвена и наскоро ќе биде доставена до експерти и други заинтересирани за да се произнесат.

 

Димитар Ковачевски е премиер само една недела. Рано е да се оценува неговата работа, но дали тој и новите министри во владата ќе донесат нова динамика, нова енергија и поинаков пристап.

Голема чест е да се биде премиер или министер, но уште поголема е одговорноста. Очекувањата се огромни, граѓаните очекуваат резултати, законите да важат подеднакво за сите, стабилност, правна сигурност, повисоки плати, пензии. Место за колебливите, неинвентивните и склони кон привилегии и криминал нема. Или ќе работат и ќе испорачаат резултати или ќе летаат од владата. Ковачевски треба сите овие процеси да ги менаџира и да го скрши ветото од Бугарија за евроинтеграицските процеси на Македонија.

 

Доколку Македонија е една изборна единица, составот на парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните, тврди Трајанов (Фото: Б. Грданоски)

 

Долгогодишните напори за претворање на Македонија во една изборна единица досега изгледаа како борба со ветерници на ДС и другите помали партии. Мислите ли дека сега би можеле да стигнете до успех?

Триесет години се менуваат владите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но Македонија не се движи со посакуваната динамика. По многу параметри сме последни во Европа. Мора да го напуштиме еднопартискиот систем на владеење, без одговорност. Изборниот модел и системските изборни предности на четири партии се гаранција дека нема да има промени и перспективи за Македонија. Изборите се најманипулативно средство на политиката ако тие не се демократски, со услови за рамноправен политички натпревар, тогаш нема да имаме демократија, како совршен облик на владеење. Очекуваме и инсистираме на коренити реформи на изборните правила, Македонија да биде една изборна единица и без изборен праг. Близу сме до целта, а тие што ќе ги блокираат промените ќе платат висока политичка цена.

 

Многумина тврдат дека клучната причина за одбивањето на реформата на изборниот систем од страна на четирте големи партии е поради тоа што ќе загубат по некој пратеник. Дали нивното поголемо стравување е што со една изборна единица на сцената ќе се појават други идеолошки концепти, други проекти, други визии, кои се надвор од она што го проповедаат четирите кампови и граѓаните ќе можат да размислат поубаво кому да му го дадат гласот.

Големите партии донесоа измени на Изборниот законик со кои имаат системска – монополска положба на изборниот процес, деведесет проценти од времето и средствата за политички реклами ги одвоија за нив. На пример, од девет минути на еден час за политичка реклама на ТВ и други медиуми, осум минути имаат четирите партии, а сите други една минута.

Со постојните шест изборни единици, помалите партии се принудени на коалиција со поголемите, но тоа не е респектирано. Влијанието во носење на круцијални одлуки на малите партии е декларативно или никакво. Инаку, големите партии кои одат на избори со помалите партии, ако Македонија биде една изборна единица ќе губат најмалку по 50.000 гласови. Тоа е проблемот со кој ќе се соочат.

Доколку Македонија е една изборна единица, составот на парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните, ќе се направат системски промени, ќе јакне одговорноста и за клучни прашања ќе има дебата. Ќе има нови идеи, нови визии и што е најбитно, граѓаните ќе имаат избор.

 

Повеќе години вие се борите за една изборна единица. Христијан Мицкоски сега направи комплетен пресврт и јавно изјави дека неговата партија не е веќе за мнозински систем, туку за пропорционален како што вие предлагате. Вие тоа го нарековте блеф. Во што лежи блефирањето.

СДСМ прифаќа промени, но тоа го условуваат со консензус од сите партии (се мисли на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијансата), што е тешко остварливо. ВМРО-ДПМНЕ објави дека се за една изборна единица, но тоа е политички блеф, бидејќи нивната поддршка ја условуваат со излез на помалите партии од власта. Доколку помалите партии заедно опстоиме на овој проект и со поддршка на СДСМ измените ќе се направат. Би било добро ако и ВМРО-ДПМНЕ без условувања го поддржи законот. Јас тоа искрено би го поздравил како огромен пресврт и гест за демократизација на Македонија.

 

Вие, помалите партии, предлагате да нема изборен праг за влез во парламентот. Другите партии легитимно би се залагале да има праг. Каде би можеле да се најдете во разговорите со другите партии. И дали распоредот на мандатите треба да се одредува според Донтовиот метод. Зошто не би се размислувало за Sainte-Laguë методот кој се употребува во Германија и Шведска, на пример, со кој има благо подобрување на пропорционалноста меѓу партиите и е поповолен за помалите партии.

Македонија е унитарна држава со околу еден милион гласачи кои излегуваат на гласање. Прагот треба природно да се формира. Вкупниот број на излезени гласачи да се дели на 120. Но отворени сме за разговор, да ги видиме аргументите за изборен праг, отворени листи и сл. За партиите што одат самостојно на избори да нема праг, а за тие што одат во коалиција да биде 1,5%. Еве предлог, нека се размислува. Инаку високиот изборен праг се практикува кога се сака да се елиминираат помалите партии, се надевам до тоа нема да дојде. Инаку, дали при пресметката ќе се користи Донтовиот метод или друг – за тоа може да се разговара и да се прифати поправеден модел за пресметка на мандатите.

 

Во Бугарија сите партии што добиле најмалку 1 процент од гласовите на изборите добиваат помош од државата од 4 евра по глас. На тој начин се помага нивното функционирање. Дали ваквата норматива би можела да им помогне на помалите партии кај нас да бидат понезависни во функционирањето ако излезат сами, па и да не влезат во Собранието.

Јас сум против гломазни партии, со многу членови, против сум за партии финансирани од буџетот на државата. Законот за финансирање на партиите исто така е дискриминирачки спрема помалите партии. Големите партии, покрај другото добиваат огромни средства и за таканаречени партиски институти. За учество на изборите, партиите добиваат средства за освоен глас, но сум против финансирање од државата на редовната активност на партиите.