Интервју, Никола Спасов: Успехот во битката со короната може да биде клучен за исходот на изборите


Некои од партиите лажните вести веќе ги сметаат за редовна и „легитимна“ алатка за политичка битка, оценува Никола Спасов

Партиите ќе воведат некои иновативности во кампањата, но прашање е колку нови содржини ќе изнајдат. Главна тема и препукување меѓу партиите ќе биде кој колку протоколи прекршил

 

Љупчо Поповски

Корона кризата дојде премногу брзо и премногу силно за партиите да го променат начинот на водење кампања пред избори. Некои иновации преку адаптирање на интернет ќе има, но сепак партиите нема да се откажат од мали средби и настани. Како тие ќе се организираат е големо прашање, вели Никола Спасов, директор на агенцијата „Рејтинг“ и долгогодишен истражувач на јавното мислење. И покрај големиот број заразени и починати во вториот бран тој мисли дека власта ги сврте работиоте во своја корист со доброто менаџирање на кризата и целосно сменетиот медиумскиот фокус од „Рекет“ и промената на името. Особено поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ одигра слаба и прилично неконструктивна улога во кризата. Спасов не верува дека некоја од малите партии ќе освои пратенички мандат.

 

Овие избори се целосно непознат терен за сите што учествуваат во кампањи – од партиите, преку тимовите што го конципираат пристапот и кампањата, па до истражувачите на јавното мислење. Дали мислите дека сите актери се доволно  подготвени за оваа нова ситуација?

Секако дека ова е голем предизвик за партиите и тешко дека тие може да бидат добро подготвени и за тоа не може да се обвинат. Кампањата ќе се одвива во екот на пандемијата, односно само неколку месеци од почетокот на кризата со корона вирусот. Ова е прекраток период за партиите целосно да го променат начинот на делување, мобилизација на гласачи и да воведат иновативни кампањски активности. Сепак, верувам дека тие интензивно работат да изнајдат нови канали за комуникација и да ги адаптираат своите активности на интернет. Во таа смисла, очекувам дека одредена иновација и нови содржини ќе може да видиме. За мене поголем проблем и предизвик ќе биде да се продолжи со некаква форма на теренска кампања, а таа да биде согласно здравствените протоколи. Верувам дека партиите нема да се откажат од мали средби и настани, но како тие ќе се организираат е големо прашање. Партиските активисти не се навикната на кампања каде не може да се поздрават со кандидатите, да им се доближат, да поразговараат или да се сликаат гушнати. Пред некој ден видовме што се случи на настанот на ВМРО-ДПМНЕ во Лисиче каде воопшто не се почитуваа протоколите за организација на вакви настани.

За жал, мислам дека на овие избори главна тема и препукување ќе биде кој колку протоколи прекршил. Очекувам социјалните мрежи да бидат преплавени од фотографии каде не се почитуваат одржувањето на дистанца и носењето маска. Начинот на планирање на активностите и настаните, во голема мера може да го превенира масовното кршење на протоколите. Во кампањата ќе биде важно партиите да покажат дека знаат да го чуваат јавното здравје и тоа ќе им носи политички поени. Така што очекувам дека ќе бараат соодветни начини за организирање на мали настани во контролирани услови. Настаните и средбите се клучни за правење кампања, за снимање на видеа и комуникација на социјалните мрежи и тие не може целосно да изостанат. Предизвикот ќе биде како да се прилагодат.

 

Двете најголеми партии до пред две недели велеа дека не можат да се откажат од една од нивните најомилени стратегии – одење од врата на врата. Сега тоа чукање на некоја врата може да предизвика бес кај домаќините поради стравот од вирусот. Тогаш како виртуелно да дојдат на многу врати а не да затропаат на нив, а тоа да не биде преку општа порака на Фејсбук?

Можеби нема да чукаат на вратите, но секако дека изборен материјал ќе може да доставуваат, дали во поштенските сандачиња или пак кесички обесени на кваките. партиите ќе најдат начин како да го испорачаат материјалот, но комуникацијата лице в лице ќе биде оневозможена. Ова секако ќе биде голем хендикеп затоа што клучната придобивка од таа активност се анкетите кои ги прават додека разговараат со граѓаните. Преку тие анкети партиите прават процена за поддршката на гласачите и се важна алатка во водењето на кампањата. Верувам дека веќе интензивно работат на смислување нови активности за своите активисти, кои најмногу беа ангажирани токму за оваа активност. Очекувам дека личните посети ќе ги заменат со друг канал на комуникација, телефонски повици или пак директна комуникација на социјалните мрежи. Очекувам повеќе да ги користат штандовите на јавни локации кои се далеку од иновативна алатка, но даваат видливост и можност за директна комуникација. Лично сметам дека првиот инстинкт на партиите ќе биде повеќе во насока да ги адаптираат традиционалните алатки и стратегии отколку целосно да иновираат нови пристапи. Тоа не е ниту лесно, а може да биде ризично доколку иновацијаа се случи „да не функционира“.

 

Во Америка цели тимови работат на новите модалитети за кампањата за изборите во ноември. Мислите ли дека дел од тие почетни искуства може да се пренесат овде на еден драматично поскромен терен.

Предизвикот е секаде ист, а главниот проблем е како да се прилагоди традиционалниот настан или активност на интернет, а притоа да не го изгуби ефектот. Ова воопшто не е лесно бидејќи личниот контакт со потенцијалниот гласач, финансиер или поддржувач, има посилен ефект од комуникацијата на дистанца или преку дигиталните канали. На пример, многу важен аспект на кампањите во САД е собирање донации преку настани, таканаречените „fundraising events“. Тие се организираат во многу форми, од гала вечери за големи бизнисмени до мали настани во заедниците. Во услови кога овие настани не се возможни, сите овие активности се селат на интернет и преку телефон. Разликата, меѓу ефектот на гала вечера со скап коктел и музика и онлајн зум состанок е голем. Деновиве читав дека републиканците, кои за разлика од демократите повеќе се потпираат на големи донации од корпорациите, организираат некоја форма „онлајн коктел забави“. Колку и дали се ефективни е тешко да се каже. Џо Бајден организира нешто слично под друго име и ги нарекува „виртуелни финансиски собири“, каде тој практично собира донации и разговара за економски теми кои се од интерес на бизнисите. Ова е нова ситуација секаде и мислам дека ниту САД ниту другите развиени земји немаат сѐ уште проверени иновативни алатки или стратегии. Секаде се тестира и испробува. Предност во кампањите секаде низ светот ќе имаат оние партии и кандидати кои се понапред во користењето на дигиталните платформи и канали за комуникација. Оние кои тоа го унапредувале и развивале уште пред да се случи кризата и сега тоа ќе им донесе предност.

 

Во оваа кампања дебатите на телевизиите можеби ќе имаат малку поголемо влијание од вообичаено, вели Никола Спасов

Префрлањето на кампањата преку медиумите, електронските и социјалните, ќе биде неверојатна можност за пласирање на лажни вести. Стравувате ли дека лажните вести можат да ја преплават кампањата?

Лажните вести еднакво ќе беа присутни и со и без корона кризата. Едноставно, тие се веќе составен дел на кампањите, но и од секојдневното информирање во и надвор од изборниот период. Иако партиите се заложуваат за борба против лажните вести, голем дел од нив се „предадоа“ во таа борба па неретко можеме да видиме ширење на лажни вести и од страна на некои партии. За жал, има партии кои лажните вести веќе ги сметаат за редовна и „легитимна“ алатка за политичка битка. И затоа апсолутно мислам дека без разлика дали има криза или не, дали луѓето се повеќе или помалку на интернет, лажните вести и онлајн стратегиии за манипулација со јавното мислење ќе бидат сѐ повеќе присутни. Сметам дека проблемот со лажните вести е веќе премногу широк, на многу нивоа и тој нема да се искорени во блиска иднина, напротив, само ќе се развива.

 

Дебатите на телевизиите и многу помалку на радијата ќе овозможи кампањата во голема мерка да се води еден на еден во студијата. Колку подобрите оратори, попрецизните во мислите и добрите претставувачи на изборните програми на партиите може да придонесат кај неодлучните гласачи да се определат за кого да гласаат?

Во оваа кампања дебатите можеби ќе имаат малку поголемо влијание од вообичаено. Очекувам да ги има повеќе како надополнување на „дупката“ направена од отсуство на митинзите и содржините кои произлегуваат од нив. Можеби дури да видиме парчиња од дебати во платената политичка програма, која обично се пополнува со говори или спотови од митинзите.  Сепак, граѓаните имаат свои преференции и навики за информирање. Тоа што нема митинзи и одење врата до врата, не значи дека ќе се сменат и навиките за повеќе гледање телевизија или дебати. Така што во целина, не очекувам дебататите на телевизиите да бидат многу погледани отколку обично. Што се однесува до прашањето дали добрите дебатни вештини помагаат, секако дека да. Се надевам дека на овие избори ќе видиме квалитетна дебата и добри соочувања, мислам дека тие се исклучително важни за демократијата и доброто информирање на гласачите.

 

Оваа виртуелна кампања им дава можност на помалите партии да добијат поголем простор под рефлекторите. Дали тие ќе знаат да го искористат она што ќе им биде овозможено?

Малите партии и досега го имаа целиот простор на интернет да делуваат и комуниицраат. Не мислам дека со новата состојбата тие имаат некаква предност, ниту пак дека нивниот успех зависи од тоа колку простор имаат на интернет. Успехот на сите партии зависи пред сѐ од нивата стратегија, континуитет, комуникација и организација. Одговорно тврдам дека и најмалата партија или лидер може да направи разлика со сериозен и организиран пристап. За жал, малите партии исклучително слабо и ретко комуницираат со јавноста. Повеќето мали партии немаат јасна стратегија и континуитет и затоа нивната видливост и политичко влијание е мало. За помалку од еден месец не можат нешто драматично да променат, иако би сакал да бидам демантиран. Секоја криза е и можност, но само за оние кои знаат да ја искористат. Засега не гледам дека некој од помалите политички субјекти ќе се снајде во кризата или пак осмисли начин како да ја искористи. Не очекувам дека надвор од коалициите и стандардните фаворити, некоја од малите партии да освои мандат.

 

Впечатокот во јавноста во март април и поголем дел од мај беше дека владата добро се справува со корона вирусот. Огромното зголемување на бројот на заразени во прво време ја поткопа таа доверба, за потоа во јавноста да почне да се етаблира друг впечаток – дека новите инфекции се во голема мерка последица на непочитувањето на мерките од страна на граѓаните. Како овие амплитуди можат да се одразат врз рејтингот на главната владејачка партија?

Мислам дека без разлика на повторниот бран, јавноста сѐ уште има доверба во менаџирањето на кризата и во здравствените власти. Најголем дел од јавноста е свесна дека главна причина за состојбата не се мерките или препораките кои беа навремени и прецизни, туку реалното однесување на граѓаните како и несанкционирањето на прекршувањето на мерките. Иако задоволството сигурно е намалено во споредба со првичната еуфоричност околу доброто справување, сметам дека кризата се искористи од страна на власта за да ги сврти работите во своја корист. Освен добриот менаџмент, клучната причина за тоа е фактот што целосно се смени медиумскиот фокус. Претходно тој беше многу неповолен за власта, особено што главните вести секој ден беа поврзани со случајот „Рекет“, а многу простор добиваше и интензивната кампања на опозицијата против промената на името. Кризата ги фрли во сенка овие пораки и опозицијата речиси да остана без оружје. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не се снаоѓа во новата политичка реалност и одигра слаба и прилично неконструктивна улога во кризата. Тие направија низа грешки со пласирање на лажни информации и креирање на паника на почетокот кога стравот кај граѓаните беше голем. Министерот за внатрешни работи, исто така, не се снајде најдобро, имаше низа пропусти и не покажа доволна цврстина и лидерство кое беше апсолутно потребно во тие моменти. Во целина, засега сметам дека власта од целата работа повеќе доби отколку што изгуби, но како ќе биде до изборите ќе мора да почекаме. Истражувањата покажуваат дека клучен проблем на граѓаните во моментот е токму корона вирусот. Како ќе се одвива состојбата со него, бројот на болни и починати, како ќе се менаџира здравствениот систем може да биде од пресудно значење за исходот од изборите.

Еден од најсилните ефекети на кризата може да биде врз излезноста, односно да се намали значително доколку овој втор силен бран не спласне до 15 јули. Со самиот факт што малку граѓаните ќе гласаат, а најмногу ќе апстинираат неопределените, одредени партии може да бидат во поповолна позиција од други. Тука мислам, пред сѐ, на оние кои се со стабилно гласачко тело и партиска машинерија. Доколку пак здравствените власти успеат да се справат со овој втор бан, ако може воопшто така да се нарече, успеат да го заштитат здравствениот систем и покажат уште еднаш компетентност, тогаш секако дека може да очекуваат позитивно влијание врз дел од неопределените кои може да ја наградат власта за ова.