Интервју: Има многу работи што треба да се поправаат на „Скопје 2014“


Се надеваме дека некој ден повторно ќе ги видиме зградите што се закопани под оваа архитектонска одвратност, вели проектантот за реконструкција на салата  „Партизан“, Томас Ромеро Тали

Томас Ромеро Тали, Матеус Сатори и Хавиер Ромеро се архитектонското трио кое го создаде идејното решение за реконструкција на руинираната сала „Партизан“, во населбата Карпош 4 во Скопје. На јавниот повик на Општината Карпош, преку организацијата „Културно ехо“, архитектите ја понудија својата визија за напуштениот објект и ги освоија симпатиите на јавноста со својот дизајн, кој освојува со изобилството на зеленило, ретро моментите, но и вметнувањето на современи детали од стакло во фасадата на објектот.

Ромеро Тали за „Независен“ ја објаснува инспирацијата која ги водеше него и колегите во создавањето на дизајнот на „Партизан“, но и фасцинацијата да работат на напуштени и руинирани објекти насекаде во светот.

 

Томас, Вашиот проект за салата „Партизан“ е победник според гласовите на граѓаните. Која беше вашата инспирација додека работевте на тој проект?

Главната идеја беше да се зачува истакнатиот карактер на „Партизан“ со минимален пристап на интервенција. Дизајнот на архитектот Трајко Димитров веќе беше таму, иако беше во урнатини. Со нашиот проект се обидовме да дадеме решенија за постојните проблеми и да го прилагодиме дизајнот на тековното време. Нашата инспирација доаѓа од разбирање на тоа колку потенцијал останува во сите овие напуштени згради, што некогаш ги збогатуваа животите на граѓаните, а веќе не го прават тоа. Инспирирани сме од идејата да се вратиме на овие историски напуштени места. Се надеваме дека оваа успешна приказна ги инспирира другите администрации и другите граѓански иницијативи да се обидат да го подобрат своето опкружување.

Еден од поинтересните детали во проектот се ретро-пластичните продавници што беа симбол на Скопје пред четириесетина години. Како дојдовте на оваа идеја?

Кога бевме во Скопје, многу се заинтересиравме за различните конфигурации на „Киоск К-67“ и колку е иконичен дизајнот, иако сега е тешко да се најде некој во добра форма. Подоцна, видовме модел реплика на киоскот во Музејот за модерна уметност во Њујорк, на изложбата „Кон бетонска утопија: Архитектура во Југославија“. До „Партизан“, има голем трговски центар, еден од премногуте во Скопје. Кога работевме на дизајнот, имавме идеја да создадеме отворен пазар за локални и занаетчиски производи, спротивност на постојниот трговски центар и да поканиме некои од нивните клиенти на повеќе локални и традиционални производи. Тоа е преиспитување на традиционалната чаршија.

Дали работите или соработувате на други проекти во Скопје преку вашата соработка со „Културно ехо“?

Да! Имаме многу проекти во тек. Проект за кој сум особено возбуден е развој на Центар за бездомници на 30 минути од Скопје. Преку „Културно ехо“, соработувавме со организацијата „In Vivo“ и нивната визија, да изградиме центар на планина, со своја одржлива енономија, самостојно воден од бездомниците кои се дел од програмата за рехабилитација. Тоа е многу чувствителен и посебен проект и горди сме што сме дел од него. Исто така, јавноста може да очекува уште многу добри проекти од „Културно ехо“ во иднина.

Дали го познавате Скопје? Како вие, како архитекти, го гледате проектот „Скопје 2014“?

Со задоволство можеме да кажеме дека релативно добро го познаваме Скопје. Доаѓаме на секои неколку месеци од 2016 година, така што успеавме да видиме некои од промените со кои се соочи градот во последните неколку години! Ќе заклучиме дека има многу што да се поправа.

Проектот „Скопје 2014“ е социјално и архитектонски криминален. Веќе се формирала мувла во евтините гипсани фасади на зградите. Се надеваме дека некој ден повторно ќе ги видиме зградите што се закопани под оваа архитектонска одвратност. Има многу што да се поправа, но има и надеж.

Сања Наумовска