Интензивно се работи на автопатот Прилеп-Битола, но тешко да се запази рокот до 2027 година


Интензивно се работи на израдбата на автопатот Прилеп-Битола. Не може конкретно да се каже дали ќе биде готов до предвидениот рок, 2027 година, но недвосмилено ќе донесе голем бенефит за околу 200.000 жители од Пелагонискиот регион. Ова беше нагласено на денешниот теренски увид на работите на автопатот кој е од коридорот 10 на тројцата градоначалници, на Прилеп, Битола и на општина Могила.

Според Џош Бејкер, проектен менаџер на „Бехтел и Енка“ во моментов се работи на 10 километри од вкупно 41 километар колку што е автопатот.

-Се работи на фронтови кои се шират кон Прилеп и кон Битола. Нашето проектно семејство во оваа Секција 4 брои 600 луѓе при што повеќе од 55% од тимот доаѓа од локалните заедници. Во моментов имаме 350 вработени од локалните заедници и што повеќе вработиме луѓе од локаните заедници тоа подобро. Ве молам контактирајте не сите кои сакате да работите со нас имаме многу отворени позиции, од инжинери, финансии, работници кои работат со бетон, возачи, изјави Бејкер.

Автопатот опфаќа 10 мостови, 16 надвозници и 6 подвозници. Од компанијата истакнаа дека им требаат уште околу 400 работници кои не би сакале да ги увезуваат туку да вратат луѓе од локалните заедници.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески смета дека автопатот ќе обезбеди побрз пристап помеѓу селата и гардовите и побезбеден пристап до Индустриските зони.

Според градоначалниците на Прилеп, Битола и Могила, овој автопат ќе донесе поголем економски развој на рагионот и стопирање на миграцијата младите.

-Со реализирање на овој проект ние не добиваме само патна инфраструктура, туку навистина еден посигурен, побезбеден пат, автопат кој ќе гарантира за безбедноста и во сообраќајот и за нашите животи. Посетители, туристи, културен и економски развој, нешто кое навистина ќе нѐ изедначи во условите во европските инфраструктури, истакна Јовчески.

Околу 80 насто од експропријацијата е решена, а интензивно е вклучен и битолскиот музеј за прашањето на археолошките локалитети.

-Сега има исклучителна можност за натамошен развој во делот на стопанството, економијата, туризмот, протокот на луѓе и стоки. Тука, на 15-тина километри од Битола е и Грција, наш европски сосед и ако на ова се надоврзе она што ЈПДП го планира, од петљата кај Могила со некои 17 километри нов спој со границата со Грција, тоа уште повеќе ја зголемува вредноста на овој автопат. Ако на ова се надоврзе и делницата од 24 километри од Градско до Фариш, нова перспектива за регионот, огромен развој, останување на младите луѓе и на стопанството, како и проширување, ја имаме индустриската зона Жабени во Битола, вие ТИРЗ-от, рече битолскиот градоначалник Тони Коњановски.

Голем бенефит од автопатот ќе има и општина Могила, посебно во земјоделството, трговијата.

-За Могила, на само 5 километри од првата клучка имаме индустриска зона која веќе 80 проценти е распродадена, почнува да се развива самата зона. Тоа е еден импакт за економскиот развој и ние како мала општина, рурална пред се, нашето население се занимава со земјоделие, тука е и самата трговија од производството на земјоделие, така да мислам општина Могила од овој автопат ќе имаме доста бенефит, истакна Драганчо Саботкоски, градоначалник на општина Могила.

Со изградбата на експресниот пат Градско-Фариш, како и овој автопат Прилеп-Битола, Пелагонија полека започнува инфраструктурно да се развива и да го губи лошиот епитет на „слепо црево“ кој го имаше со децении.