Инспекторите нема да ги легитимираат гостите во кафеаните

Инспекторите нема да ги легитимираат гостите во кафеаните и да им бараат лични карти за да проверат дали се од исто семејство, соопшти денес на прес конференција директорот на Државен пазарен инспекторат Стојко Пауновски, во одговор на новинарско прашање како ќе се спроведуваат протоколите во угостителските објекти.

„Контролата е насочена на кафетериите и оние кои вршат угостителска дејност. Дали лицата се две или четири на маса е одговорност на оние кои вршат угостителска дејност“, рече Пауновски додавајќи дека од нашата свест и совест ќе зависи дали мерките ќе одат на олеснување.

„Протоколите се донесени за да ги спроведуваат угостителите и тие се одговорни да бараат лични карти и да даваат соодветни места на оние кои ќе дојдат кај нив, па согласно тоа ќе преземаат мерки. Келнерот односно газдата ќе ги спроведува протоколите, а не инспекторите, ние вршиме контрола кај угостителите“, рече тој. На прашањето што доколку некое семејство има три или повеќе деца и дали се прави разлика меѓу домаќинство и семејство, Пауновски одговори дека протоколите предвидуваат и седење до 12 лица на споени маси на соодветно растојание.

Инаку, инспекторите во наредните десетина дена ќе спроведувааат информативни посети на угостителските објекти. За таа цел се формирани посебни тимови во кои ќе има инспектори од Државниот пазарен инспекторат, од Државниот инспекторат за труд, Агенцијата за храна и ветеринарство, а новина е што тимовите ќе бидат засилени со контролори-инспектори од УЈП со што ќе има координиран и сеопфатен пристап при посетата на локалите, рече претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.

„Целта е еднаш на секој да му се укаже и образложи протоколот. Доколку покрај тоа тие не ги почитуваат протоколите, тогаш нормално дека ќе има казни, рече Филиповска-Грашкоска.

Протоколите за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана утврдуваат дека работното време е од 8 до 22 часот и се дозволува работа само на отворените делови на објектите за исхрана кои се од три страни отворени со кровна конструкција.

Вработените кои што послужуваат задолжително треба да носат заштитни маски и зачестено да одржуваат хигиена на рацете, а ќе се послужуваат само лица кои ќе седат или преку шалттер ќе подигнуваат нарачки, односно не е дозволено послужување на шанк и на стоечкии маси.

Секој локал треба да определи лице за менаџирање на влегувањето на гостите, а на отворениот простор да се обезбеди соодветно растојание меѓу столчињата од 1,5 до два метри со во сите правци.