Инспектори на ИЦАО ќе го проверуваат македонското цивилно воздухопловство по 17 години пауза
По пауза од 17 години, тим инспектори на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) од вчера престојува во земјава, каде што во наредните две недели ќе ја проверува усогласеноста на македонското цивилно воздухопловство со најновите меѓународни стандарди и регулативи.
Како што стои во соопштението на Агенцијата за цивилно воздухопловство, инспекцијата се спроведува на покана на Агенцијата и треба да овозможи независна оценка на примената на меѓународните барања, утврдување на силните страни на системот, но и идентификување на евентуалните недостатоци и областите во кои се потребни подобрувања.
Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски, истакнува дека отвореноста кон независна и непристрасна проверка е важен дел од одговорното управување и градењето доверлив воздухопловен систем.
– Верувам дека независната и непристрасна инспекција е најдобриот начин да оцениме колку успешно ја извршуваме нашата работа и каде можеме дополнително да се подобриме. Имаме обврска и одговорност отворено и професионално да се соочиме и со наоди доколку такви бидат утврдени, бидејќи објективното согледување на реалната состојба е единствен начин за изнаоѓање соодветни и одржливи решенија за подобрување на системот – наведува Стојаноски.
Препораките од инспекцијата ќе послужат како основа за планирање идни активности и унапредување на процесите за дополнително подигнување на безбедноста во цивилното воздухопловство.
Од Агенцијата ја нагласуваат важноста на професионалната соработка, транспарентноста и активното учество на сите вклучени субјекти во текот на проверката, со цел добивање реална слика за функционирањето на системот и утврдување конкретни насоки за негово натамошно зајакнување.
Агенцијата останува посветена на унапредување на регулаторниот и надзорниот систем и доследна примена на меѓународните стандарди.