Свечените изјави на советниците во Штип, Аеродром и Кисела Вода се неуставни
Свечените изјави без уставното име што ги потпишаа штипските советници од ВМРО-ДПМНЕ и Левица се спротивни на Уставот, е заклучокот на инспекторите од Државниот инспекторат за локалната самоуправа. Решението опомена до градоначалникот на Општина Штип и до претседателот на Советот пристигнало попладнево, објави МИА.
Според она што го пишува во решението, советниците од мнозинството ќе мора да потпишат нови свечени изјави, но и да се повторат одлуките кои во меѓувреме се донесени.
Свечените изјави треба да се усогласат со Уставот бидејќи тој е највисок правен акт кој произведува супериорно правно дејство и сите закони и прописи мора да бидат усогласени со него, пишува меѓудругото во Решението на Државниот инспекторат за локална самоуправа.
Со решението на Инспекторатот опомени заработија градоначалникот Иван Јорданов и претседателката на Советот Весна Карагунова-Кожинкова. Следен чекор е потпишаните свечени изјави без уставното име да се повлечат, а на наредна седница да се потпишат нови со уставното име. Такви насоки доби службата на Советот.
Вакци решенија од Инспекторатот добиле и Општините Аеродром и Кисела, заедно со опомена и рок во кој треба да потпишат нови свечени изјави, објави Сител. Решенијата се со рок од 15 дена по што повторно ќе извршат увид во општините. Од понеделник ќе проверуваат уште две општини.
Решенијата пристигнале доцна попладнево, по што општините се затекнати од информацијата дека добиле опомена и затоа немаат одговор како ќе постапат. Од Општина Аеродром најавија дека во понеделник ќе го разгледаат решението со службата на Советот по што ќе не известат како ќе постапат. И во Општина Штип ќе се одлучува во понеделник за кога е закажана и трета седница на совет на која е предвидено да гласаат ребаланс на буџетот.
Градоначалникот на Кисела Вода за Сител вели дека изјавите не се спротивни на законот за локална самоуправа но сепак ќе го разгледаат решението.
Според она што го пишува во решението, советниците од мнозинството ќе мора да потпишат нови свечени изјави, но и да се повторат одлуките кои во меѓувреме се донесени. Доколку советниците не постапат согласно насоките од инспекторатот, може да се соочат со мерката забрана за прописи што ќе доведе до блокада на работата во советот.