Иницијативата на СДСМ за Универзална сала не помина на Совет


Фото: Б. Грданоски

Советот на Град Скопје не ја изгласа Иницијативата на советничката група на СДСМ за времено отстапување на правото на користење од Град Скопје на Владата на Република Северна Македонија, за Универзалната сала, со што ќе се овозможеше Министерството за култура да ја доврши сопрената реконструкција.

За Иницијативата гласаа 15 советници, шестмина беа против и четворица беа воздржани.

„Реконструкцијата на еден од најважните објекти за Скопје е стопирана, а Универзална сала е во речиси руинирана состојба. Овој проект финансиски е поддржан од Владата со 120 милиони денари. Од нив искористени се 40 милиони што значи дека остануваат уште 80 милиони денари, доволни за реконструкцијата да се заврши“, појасни Љубица Јанчева, координатор на советничката група на СДСМ во град Скопје, во образложението на Иницијативата.

По неколку писма, до советниците на Градот, од страна на министерската за култура, која претходно беше на средба со Арсовска, советничката група на СДСМ, сега ја поднесе оваа иницијатива за времено отстапување на правото на користење од Град Скопје на Владата на Република Северна Македонија, за реконструкција на Универзалната сала.

„Ги повикуваме сите советници од сите советнички групи да дадат поддршка на Иницијативата и овој објект да биде времено преземен од Владата, а по неговата реконструкција тој повторно ќе биде вратен на Градот. Универзална сала е симбол на солидарноста и на Скопје, објект врежан во сеќавањето на генерации скопјани. Да не дозволиме овој објект да пропаѓа, туку да му го вратиме некогашниот сјај и повторно да биде еден од најважните културни објекти во државата“, рече Јанчева.