Инфлацијата во октомври се искачи на 4,5 отсто на годишно ниво

Мал позитивен сигнал е што во октомври индексот на трошоци на живот во однос на септември бележи намалување од 0,2 проценти


Зголемувањето на минималната плата сега изгледа како недостижна цел (Фото: Б. Грданоски)

 

Инфлацијата тврдоглаво останува висока.

Во однос на октомври, минатата година, пак, трошоците на живот се зголемени за 4,5 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Мал позитивен сигнал е што во октомври преку индексот на трошоци на живот во однос на септември инфлацијата бележи намалување од 0,2 проценти. Намалувањето на месечно ниво се должи на помалите трошоци во делот на транспортот за 6,1 процент, мебелот и одржувањето на домаќинствата за 0,3 проценти и во делот образование и култура за 0,1 процент.

Зголемување на трошоците на живот има во делот на алкохолните пијалоци и тутунот и облеката и обувките за 1,2 проценти, храната и безалкохолните пијалоци за 0,3 проценти, домувањето за 0,2 проценти.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања истакна дека очекува годишната ставка на инфлација оваа година да заврши меѓу три и пол и четири проценти, што, според него, е едно од најниските во Европа и во регионот. Истовремено тој изрази очекување дека следната година нивото на инфлација ќе се движи меѓу 2 и 3 проценти.

„Очекувам во октомври можеби да се движиме помеѓу четири и четири и половина проценти поради ниското ниво минатата година во октомври. Тогаш ги аплициравме оние мерки за замрзнување на маржите и слично. Но, потоа очекувам пристојно намалување во ноември и во декември“, рече Мицкоски.

По објавувањето на стапката на инфалција се огласи опозицискиот СДСМ.
 
„Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3 отсто. Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат.
 
Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите“, реагираа од СДСМ.