Инфлацијата во Албанија расте, во јули достигна 3,4 отсто


(Фото: Независен)

Во Албанија во јули инфлацијата достигна ниво од 3,4 отсто, што е второ последователно зголемување и е над целта од проектираните  3 отсто  на Централна банка на Албанија.

Според државниот завод за статистика, ИНСТАТ, инфлацијата била 3,2% во јуни, додека во јули минатата година 2,5 отсто. На месечно ниво до крајот на јули, цените се зголемиле за 0,2%.

Храната продолжува да го носи главниот товар во зголемувањето на цените, заедно со транспортот, кој забележа силен раст, што беше забележано кај горивата. Цените на транспортот се зголемија за 8% во споредба со јули минатата година.

По транспортот, најголемо годишно зголемување забележа групата „Забава, спорт и култура“, со 6%, додека осигурувањето и финансиските услуги поскапеле за 4,5%.

Трошоците поврзани со домувањето, како што се кирија, вода, електрична енергија, гас и други горива, исто така се зголемиле за 4,1% на годишна основа.

На годишно ниво, храната е за 3,5% поскапа отколку пред една година.

Од друга страна, само две категории забележаа годишен пад на цените. Облеката и обувките се намалиле за 1,8%, додека информациските и комуникациските производи и услуги се намалиле за 0,9%.

Јулските бројки покажуваат зголемување на инфлациските притисоци. Покрај трошоците за храна и домување, транспортот сега има значително влијание и врз потрошувачките цени, зголемувајќи го товарот врз буџетите на домаќинствата.