Инфлацијата се намалува, но и натаму е двоцифрена – во мај беше 11,3 отсто на годишно ниво


Фото: Б. Грданоски

 

Годишната стапка на инфлација во мај, мерена преку порастот  на трошоците на живот изнесуваше 11,3 отсто, покажуваат податоците што ги објави денес Државниот завод за статистика. Како што посочија статистичарите, за толку се зголемени трошоците за живот во мај годинава во однос на истиот месец лани. Во исто време цените на мало бележат зголемување од 7,5 отсто. И покрај замрзнатите цени на повеќе производи, инфлацијата и во мај на месечно ниво не мируваше, па така трошоците на живот во овој месец беа поголеми за 0,4 отсто во однос на април годинава, додека цените на мало се намалени за 0,9 отсто.

Статистичките податоци за инфлацијата имаат надолен тренд, иако таа и во мај остана двоцифрена. Во април годишната инфлација мерена преку порастот на трошоците на живот беше 13 отсто, а во март беше 14,7 отсто.

И покрај ваквиот надолен тренд, инфлацијата кај нас, сепак и натаму е на многу повисоко ниво во однос на земјите од Европската унија.

Така, според податоците на Евростат, објавени на 1 овој месец, годишната инфлација во еврозоната во мај изнесуваше 6,1 отсто, откако во април цените на производите за широка потрошувачка пораснаа за седум отсто на годишна основа. Од земјите што го користат еврото и за кои Евростат имаше податоци, најниска годишна инфлација во мај забележаа Луксембург (2,0 отсто), Белгија (2,7 отсто) и Шпанија (2,9 отсто). Највисока имале Летонија и Словачка (12,3 отсто) и Естонија (11,2 отсто). 

Без цените на енергијата и храната, инфлацијата во еврозоната во мај беше донекаде умерена и изнесуваше 5,3 отсто. Пред тоа во април достигна 5,6 отсто.

Според последните макроекономски проекции на Народната банка на Македонија кои што беа објавени минатиот месец, инфлацијата до крајот на годинава би требало да се сведе на едноцифрено ниво, во интервал од 8 до 9 проценти. Ризиците за проекцијата на инфлацијата на среден рок и натаму се поврзани со неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација. Исто така, растот на платите, а особено соодносот со растот на продуктивноста треба внимателно да се следат, порачаа од НБ.

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, пораст на трошоците на животот во мај 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 13,3 отсто, свежото и разладеното овошје за 8,5, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 2, рибата и морските плодови за 1,6, жестоките пијалаци за 0,8, сирењето и урдата за 0,5, месото за 0,4, кафето, чајот, какаото, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, виното за 0,3, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, пивото за 0,2 отсто.

Пораст на трошоците на животот е забележан и кај другите услуги неспоменати на друго место за 10,6 отсто, накитот, часовниците и рачните часовници за 4,9, медицинските услуги за 3,4, парамедицинските услуги за 2,9, обувките за 2,8, услугите за сместување за 1,8, фармацевтските производи, туристичките аранжмани за 1,6, производите за домаќинството – нетрајни за 1,4, домашните миленици и сродните производи за 0,9, моторните возила за 0,8, малите електрични апарати за домаќинствата, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти, рестораните, кафулињата и слично за 0,7, облеката, мебелот и покуќнината, терапевтските помагала и опремата, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема за 0,6, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,5, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0,3, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето, големите електрични апарати за домаќинствата, малите алатки и останатите додатоци за 0,2 отсто.

Намалување на трошоците на животот во мај 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 2,4 отсто, млекото за 1,6 и лебот и житата за 0,7 отсто.

Намалување на трошоците на животот е забележано и кај воздухопловниот патнички транспорт за 27,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 7,3, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 5,5, гасот за домаќинствата за 4,3, цврстите горива за домаќинствата за 3, медиумите за снимање за 1,8, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено за 1,5, стоматолошките услуги за 1,3, информатичката опрема за обработка на податоците за 1,2, игрите, играчките и хобијата за 1,1, другите печатени материјали, другото образование за 1, градините, растенијата и цвеќињата за 0,6, книгите, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,5, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за подот, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,3 отсто.

Битката против инфлацијата е директно поврзана и со каматните стапки на централните банки, а посредно тоа се одразува и на каматите на кредитите и депозитите кај комерцијалните банки.

Кај нас Народната банка во континуитет ја зголемува каматната стапка на благајничките записи. Последното зголемување беше минатиот месец за 0,25 процентни поени, кога референтната камата достигна 5,75 проценти.

И од Европската централна банка пораките се дека ценовните притисоци се „силни“ и дека ЕЦБ ќе ги зголеми каматните стапки доволно за да ја намали инфлацијата и ќе ги задржи „колку што е потребно“.

„Нашите идни одлуки ќе гарантираат референтните каматни стапки да се доведат до нивоа што се доволно рестриктивни за да се постигне навремено враќање на инфлацијата до нашата среднорочна цел од два проценти. Каматните стапки ќе се задржат на тие нивоа онолку долго колку што е потребно“, изјави деновиве директорката на ЕЦБ, Кристин Лагард.

Таа истакна дека инфлацијата е најголем товар за обичните луѓе, особено за оние кои имаат ниски приходи и поголемиот дел од приходите го трошат на храна и енергија.