Инфлацијата стигна до нов рекорд – се искачи на 19,8 отсто

Трошоците на живот, преку кои кај нас се искажува стапката на инфлација, во октомври беа поголеми за 1,4 отсто во однос на септември. Поскапе речиси сѐ


Фото: Б. Грданоски

 

Инфлацијата, која кај нас се искажува преку порастот на трошоците за живот, во октомври се забележа нов рекорд искачувајќи се на 19,8 отсто на годишно ниво, што е за над еден процентен поен повеќе во однос на септември, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Во истиот период цените на мало беа повисоки за 15,4  отсто на годишно ниво.

Во однос на септември годинава, трошоците на животот се поголеми за 1,4, а цените на мало за 0,6 проценти. Во септември, годишната стапка на инфлација кај нас беше 18,7 отсто.

Пораст на индексите на трошоците на животот во октомври 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 7,3 отсто, млекото за 5,9 отсто, сирењето и урдата за 5,7 отсто, месото за 3,6 отсто, прехранбените производи неспоменати на друго место за 3,2 отсто, рибата и морските плодови за 2,8 отсто, лебот и житата за 1,8 отсто, кафето, чајот, какаото за 1,4 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1,1 отсто, виното за 0,9 отсто, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,5 отсто, пивото за 0,4 отсто и жестоките пијалаци за 0,3 отсто.

Во октомври, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај другите медицински производи за 4,6 отсто, другите услуги за опремата за сопствен превоз за 3,7 отсто, цврстите горива за домаќинствата за 3,4 отсто, парамедицинските услуги за 1,8 отсто, гасот за домаќинствата, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема, домашните миленици и сродните производи за 1,7 отсто, обувките, рестораните, кафулињата и слично за 1,6 отсто, облеката, другите апарати и производи за лична хигиена за 1,4 отсто, медицинските услуги за 1,3 отсто, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 1,2 отсто, игрите, играчките и хобијата за 1,0 отсто. Малите електрични апарати за домаќинствата, производите за домаќинствата – нетрајни поскапеле за 0,9 отсто, информатичката опрема за обработка на податоците за 0,8 %, малите алатки и останатите додатоци, одржувањето и поправката на сопствените превозни средства, канцелариските материјали и материјалите за цртање за 0,7 отсто, течните горива за домаќинствата, текстилот за домаќинствата, медиумите за снимање за 0,6 отсто, поправките и изнајмувањето обувки, патниот патнички транспорт за 0,5 отсто, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето, услугите за одржувањето и поправките на живеалиштето, поправката на апаратите за домаќинствата, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема за 0,4 отсто, големите електрични апарати за домаќинствата, домашните услуги и услугите за домаќинствата, електричните апарати за лична хигиена за 0,3 отсто, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики, другите лични предмети за 0,2 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот во октомври 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 3,6 отсто и маслото и маснотиите за 0,8 отсто.

Во октомври, исто така, намалување на индексот на трошоците на животот е забележан и кај услугите за сместување за 12,4 отсто, туристичките аранжмани за 10,4 отсто, теписите и другите подни покривки за 4,5 отсто, воздухопловниот патнички транспорт за 1,7 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 1,4 отсто, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 1,1 отсто, моторните возила за 0,7 отсто.

Инаку, од Владата минатиот месец уверува дека инфлацијата до крајот на годината ќе биде 11,6 отсто.

Во таа насока беа донесени и повеќе мермки, а најновата се однесува на цената на струјата за производителите на прехранбени производи. Колку ваквата мерка ќе даде резултати, ќе треба да се почека до наредниот извештај на Државниот завод за статистика наредниот месец. Од Владата рекоа дека очекуваат прехранбените производи да поевтинат за десетина отсто, но од производителите, кои бараа помош од државата, возвратија дека цените на производите не зависат само до цената на струјата туку и од други фактори, а пред се од цените на суровините кои што се берзански производи.