Инфлацијата лани 3,5 отсто


Трошоците на животот во 2024 година, (преку кои се мери стапката на инфлација) во однос на 2023 година, бележат пораст од 3,5 отсто, а цените на мало од 3,8 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Во декември 2024, пак, во споредба со истиот месец од 2023 година, трошоците на живот се зголемени за 4,4 отсто, а цените на мало за 4,3 отсто.

Движењето на индексот на трошоците на животот во 2024 година беше различно кај одделни групи на потрошувачката. 

Пораст на индексите е забележан во сите групи: Ресторани и хотели за 9,9 отсто, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 7,6 отсто, Здравје за 5,3 отсто, Разновидни стоки и услуги за 5,1 %, Рекреација и култура за 4,9 отсто, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 3,8 отсто, Облека и обувки за 3,1 отсто, Комуникации, Храна и безалкохолни пијалаци за
2,9 отсто, Транспорт, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 1,4 отсто и Образование за 0,2 отсто.

Движењето на индексот на цените на мало во 2024 година, исто така, беше различно кај одделни групи производи.
Пораст на индексите е забележан во сите групи: Земјоделски производи за 7,1 отсто, Услуги за 5,0 отсто, Пијалаци за 4,0 отсто, Индустриско-прехранбени производи за 3,5 отсто, Индустриско-непрехранбени производи и тутун за 2,1 отсто.

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во декември 2024 година, во однос на ноември 2024 година, изнесуваше 0,3 отсто. Зголемувањето на инфлацијата во декември 2024 година, во однос на ноември 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: транспорт за 4,8 отсто, рекреација и култура за 1,7 отсто, ресторани и хотели за 0,4 отсто, облека и обувки за 0,2 отсто, разновидни стоки и услуги за 0,1 отсто.

Во декември 2024 година, во однос на ноември 2024 година, намалување на трошоците на животот е забележано во следните групи: комуникации за 0,4 отсто, храна и безалкохолни пијалаци за 0,3 отсто, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,2 отсто.

Трошоците на животот во групите: алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, домување, вода, електрика, гас и други горива, здравје и образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.

Цените на мало во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година бележат раст од 1,2 отсто, објави ДЗС.