Инфлацијата е поупорна од очекувањата, европските економии забавуваат, Америка е отпорна
Монетарната политика и понатаму ќе мора да биде затегната, бидејќи инфлацијата е поупорна отколку што очекувавме, изјави главниот економист на Меѓународниот монетарен фонд, Пјер-Оливие Гуринша.
Во интервју за шпански „Паис“, Гуринша изјави дека моменталната инфлација во Европската унија и во еврозоната е помала поради падот на цените на енергијата и храната, но дека базната инфлација не се намалува, пренесува Танјуг.
Економистите на ММФ наскоро ќе извлечат заклучоци од ваквиот развој на настаните, но Гуринша додава дека досегашното заострување на монетарната политика не донесе соодветни резултати и дека можеби ќе треба да остане на ова ниво подолго – барем до 2025 година.
Според него, пораката на состанокот на економистите во Синтра е дека високите каматни стапки ќе останат уште некое време, дека нема наскоро да се намалат.
Главниот економист на ММФ во исто време истакна дека сценариото за рецесија во САД „не е блиску“.
„Економијата на САД покажува издржливост: невработеноста е на историски најниско ниво што не е забележано со децении, има многу слободни работни места, а економијата сè уште расте, можеби дури и посилно од очекуваното“, рече тој.
На прашањето дали е можно да се победи инфлацијата без да се предизвика економска рецесија, Гуринша посочи дека ќе биде „многу тешко“.
„Европските економии веќе успоруваат, а американската економија можеби ќе треба уште повеќе да забави. Можно е, но мислам дека ќе биде тешко, потешко за еврозоната отколку за САД“, заклучува Гуринша.