Индустријата со канабис за медицински цели бара заокружување на законската рамка како во ЕУ


Да се донесе нов закон за психотропни супстанции согласно европската регулатива и да се формира агенција која ќе биде директно одговорна за канабис индустријата, бара Асоцијацијата на индустријата за канабис при Стопанската комора на Северна Македонија.

Според претседателот на Асоцијацијата, Орце Јордановски, целта е првенствено да им се помогне на пациентите со ретки болести. Но, законското решение е заглавено во Парламентот зашто нема едногласност меѓу политичките чинители.

Првичните резултати од анкетата на Асоцијацијата покажуваат дека само граѓаните го сфаќаат значењето од регулирање на канабис индустријата која моменто брои 67 регистрирани компании со лиценца за одгледување медицински канабис, од кои активни се 35.

Како што истакна Јордановски, компаниите очекуваат со законот да се решат и некои актуелни проблеми, како пропишаниот услов – компанијата да има вработен фармацевт-технолог за да добие лиценца, а такви кадри во земјава има многу малку и притоа, укажа Јордановски, повеќето се пред пензија. Во Европа, пак, за да се добие лиценца, може да бидат вработени и хемичари, технолози, како и биохемичари.

– Заглавени сме во лавиринтот на Собранието и парламентарните партии. Нема едногласност меѓу политиките чинители. Власта се плаши јавно да ја поддржи индустријата, а опозицијата сака да критикува се што ќе се случи. Разговараме и со едните и со другите за да ги разубедиме. Никаде во земјава не се случиле инвестиции над половина милијарда колку што носиме ние. Многу скоро ќе ја соопштиме и анкетата за јавното мислење според кое, генерално, само граѓаните се свесни за што станува збор, истакна Јордановски.

Според него, станува збор за модерна индустрија за која земји како Германија креираат државни стратегии.

– Не може Северна Македонија да си дозволи да ја деградира веќе посточеката инфраструктура на оваа индустрија која може да донесе голем економски бенефит и која има инвестирано приближно една милијарда евра, а вработува преку 1 000 лица, плус посредно и голем број кооперанти кои во различни сфери нудат услуги, опрема и материјали, потенцира Јордановски.

Игор Ангелески од Асоцијацијата информира дека изминатиов период на шест компании им се одземени лиценците за работа, а во процедура за добивање нови лиценци се 10 компании од кои седум ги исполнуваат условите и се во завршна фаза за одобренија за работа.

– Десетина од активните компаниии се со висок степен на индустриска технолошки напредна технологија во делот на екстракција и производи од медицински канабис кои би помогнале во многу состојби и дијагнози во сферата на неуро науката. Нашата заложба е да создадеме клима и услови за надминување на моменталната состојба, да ги откочиме моменталните пречки со кои се соочуваат пациентите, одгледувачите и производителите, посочи Ангелески.

Тој додаде и дека системот за одгледување медицински канабис кај нас е различен од повеќето земји во Европа, бидеки ние сме го прифатиле Канадскиот модел базиран на приватни компании, наместо производството под државен монопол, како во Германија.

Барањето на Асоцијацијата е да се изготви стручна анализа врз основа на реалните потреби и во неа да бидат вклучени производителите, стручната фела, пациентите, Министерството за здравство, Бирото за лекови, безбедносните структури, Царинската управа.

Фабриките (правните субјекти) од домашната канабис индустрија во моментов поднесуваат извештаи до Министерството за здравство, Министерството за земјоделство и Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД). Секоја од овие институции има право да го контролира нивното работење.