Инцидент во Собранието кој ги надминува зовриените страсти

Вмровските пратеници два часа ја кочеа работата на Комисијата за европски прашања. Арбер Адеми им викаше на вмровските пратеници откако беше расечен по раката


Арбер Адеми наспроти опозициските пратеници

 

Од вербалните пресметки преку партиски соопштенија тензијата меѓу политичките ривали денеска попладнево во Собранието премина во инцидент, со многу викање, навреди, тешки зборови, кој за малку не се претвори во тепачка. Иако и тоа што се случуваше ги надминуваше зовриените страсти.

Инцидентот се случи во Комисијата за европски прашања кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците два часа со процедурални забелешки се обидуваа да се смени дневниот ред – расправа за Законот за работни односи – и да се разговара и за самитот на ЕУ од минатата недела, неговите заклучоци и за што станува збор во таканаречениот француски предлог за кревање на ветото на Бугарија.

Откако претседателот Арбер Адеми реши да го прекине ова процедурално „мачење“ пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата дојдоа пред пултот во салата „Борис Трајковски“, каде што се одржуваше седницата, па Антонио Милошоски и Дафина Стојаноска почнаа да го корнат микрофонот. Наводно, во тој метеж Адеми добил расекотина на раката, што тоа него го разгневи и почна жестока вербална пресметка со вмровските пратеници. Се фрлаа шолји за кафе, пластични шишиња за вода.

Оваа вербална пресметка, која подоцна Милошоски ја оквалификува – „Собранието веќе наликува на Див Запад“ – со телефон ја снимаше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков, која подоцна ја емитуваше партијата.

Пратеничката од СДСМ Санела Шкриељ на Фејсбук даде свое објаснување на она што се случувало: „Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ по целодневното кршење на Деловникот му се нафрлија и го нападнаа претседателот Адеми, со пцости, вулгарности и физички контакт. Злото има име и презиме и лице, а за жал тоа се дел од луѓето од опозицијата кои не заслужуваат веќе да ги нарекувам колеги!“

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за вечерва свика координација на претставниците на партиите.

СДСМ во соопштението за инцидентот вели дека секогаш кога темата правда била на дневен ред во Собранието „ВМРО-ДПМНЕ е нервозна, деструктивна, прави тензии а денеска дури се обиде да испровоцира и физичка пресметка. Тоа е така затоа што ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги брани криминалците на режимот и секогаш ама секогаш е против функционален судски систем“.

Од владејачката партија тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да се реши проблемот со недостаток на судии за да се намали ефикасноста на судскиот систем за дав се забават предметите кои директно воделе до централата на партијата.

„Антонио Милошоски, за кого има веќе неколку предмети, е главен иницијатор на тензиите во Собранието, можеби затоа што лично е засегнат. Ако досега не му беше јасно на ВМРО-ДПМНЕ треба да му стане јасно, никој нема да побегне од правдата“, велат од СДСМ.

Страстите се многу големи, опозицијата веќе подолго време спроведува блокада во Собранието. Денешната расправа во Комисијата беше закажана со европско знаменце, за да се направат итни законски измени со кои на судиите кои наскоро треба да се пензионираат, треба да им се продолжи работниот век, до изборот на нови. На оваа блокада се надоврзуваат и преговорите околу францускиот предлог, за кого опозицијата бара расправа во Собранието. Ако може така да се каже, „жртва“ на овој гнев беа микрофоните и други опреми во салата, а токму во неа утре требаше да има состанок на европски пратенции со македонски. (Н.В.)