Имамоглу: На суд сум затоа што победив на изборите


Поранешниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу денеска има два судски процеси против него, а ќе се појави пред суд и во својство на сведок во процесот против неговата Републиканска народна партија (ЦХП). Против 53-годишниот Имамоглу се водат пет одделни судски процеси и уште три истраги.

Имамоглу на почетокот од судењето за наводните закани кон јавниот обвинител даде изјава, но судскиот процес е одложен за 16 јуни. Обвинителството бара казна за Имамоглу до 7,4 години затвор и забрана за политичко дејствување.

– Овде сум затоа што трипати победив на изборите во Истанбул, истакна Имамоглу пред судот.

Рочиштето неодамна беше преместено од центарот на Истанбул во високо безбеден затвор надвор од градот, а адвокатите на обвинетиот тврдат дека со тоа се нарушува правото на јавно судење.

Тој во текот на денот ќе се брани и од обвиненија поврзани со неговата управа во областа Бејликдузу во Истанбул во 2015 година. Според неговите адвокати не се очекува тој лично да присуствува на сослушувањето.

Имамоглу треба и да сведочи во судскиот процес што се води против најголемата турска опозициска партија ЦХП.

Денешните процеси не се поврзани со неговото апсење на 19 март под обвинение за корупција и поддршка на тероризмот што предизвика масовни протести ширум земјата и поттикна една од најсериозните политички кризи во Турција по повеќе од една деценија.

Имамоглу беше приведен откако Универзитетот во Истанбул објави дека ја поништува неговата диплома поради наводни неправилности. Поништувањето на дипломата се случи неколку дена пред ЦХП да го избере Имамоглу за свој кандидат на следните претседателски избори. Според турските закони, без валидна факултетска диплома, Имамоглу не може да се кандидира за претседател. Тој се смета за еден од најголемите политички ривали на актуелниот турски претседател Реџеп Тајип Ердоган. Следните претседателски избори се планирани за 2028 година.