Има штети од невремето во Битола, уништени се и посеви во Пелагонија (фото)
БИТОЛА – Невремето што денес ја зафати Битола предизвика штети во градот под Пелистер. Како што беше посочено на состанокот на штабот за заштита и спасување пријавени се штети на следните локации: удар од гром на улицата Караорман број 104 в, поплавени визбени простории на улицата Ѓорче Петров, на броевите 21 и 39, поплавени куќи на Дебарска бр 99, Струшка бр. 33, Димитар Мите Богоевски бр.6, одрон на патниот правец А3 (кај тунелот), како и паднати дрвја на патниот правец Беранци – Вашерејца – општина Могила.
Состанокот беше свикан на барање на градоначалникот Тони Коњановски, а на него присуствуваа претставници од општинската администрација, директорите на јавните претпријатија, Претседателката на Советот на општина Битола, координаторите на советничките групи при општинскиот совет, претставници на Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, СВР Битола, ТППЕ Битола и ОО Црвен крст Битола.

„Јавните претпријатија со своите човечки ресурси и механизација, на терен веќе работат на отстранување на штетите предизвикани од обилните врнежи од дожд, а КЈП Нискоградба, согласно заклучоците од денешниот состанок има обврска да изготви динамички план со технички решенија за отстранување на поголемите проблеми на одредени локации, каде истите се констатирани“, се вели во соопштението од состанокот.
Од Општината велат граѓаните кои имаат штети, истите може да ги пријавуваат на телефонскиот број 112 на Центарот за управување со кризи, а Комисијата за проценка на штети, дополнително ќе ја утврди состојбата.
На денешниот состанок, беше договорено и општинската администрација да ги контактира претседателите на урбаните и месните заедници, како би можело да се добијат точни податоци за нанесени штети во сите делови на општината и соодветно на тоа, доколку е потребно да се преземат дополнителни мерки.

Битола попладнево ја зафати пороен дожд при што беа поплавени улици и подруми.
Силен дожд денеска пред 16 часот ја зафати Битола и битолски поле, проследено со силни грмежи. Поплавени беа улици низ центарот на градот и подруми и дворови во пониските делови од Битола. Сообраќајот беше отежнат од надојдената вода. Градиначалникот Тони Коњановски свика општински кризен штаб поради интензивните врнежи на дожд кои ја зафатија Битола.
„Општина Битола ќе ги стави на располагање сите расположливи ресури и сум во постојана координација и комуникација со надлежните институции се со цел санирање на последиците од интензивните врнежи на дожд“, порача Коњановски.

Силен дожд со град ја зафати и Пелагонија, пред жетвата родот е уништен се жалат поледелците. Фотографиите од Будаково покажуваат дел од она што се случуваше во плодната Пелагонија попладнево. (А.Б.)
