Има добар прогрес за влегување на Алијансата во Владата


Фото: Б. Грданоски

 

Изминативе денови има добар прогрес во преговорите со Алијансата за Албанците во делот на програмските определби и кадровското екипирање, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата посветена на стратешкиот дијалог со САД.

„Разговорите се водат во навистина добар дух и во атмосфера на постигнување на договор со цел државата да има мнозинство во парламентот што има единствен став во однос на интеграцијата на државата во Европската унија и придржување кон сите меѓународни норми за кои што веќе сме пример во регионот“, истакна Ковачевски.

Тој нагласи дека генерално во разговорите со Алијансата за Албанците немало проблем околу распределба на раководните места во институциите.

„Се говори за преземање на одговорност во рамки на кадровскиот потенцијал на секој коалициски партнер, но и во делот на преземање одговорност во делот на учество во владиното мнозинство“, изјави Ковачевски, потенцирајќи дека целта на разговорите е проширување на европскиот капацитет на владината коалиција.

Во однос на коалициската соработка со Алтернатива, Ковачевски истакна дека оваа партија е значен партнер на Владата за која имам исклучително високо мислење, како и за сите владини партнери.

„Во текот на денешниот и на утрешниот ден ќе имаме преговори со Алтернатива. Се надевам дека ќе може да се постигне позитивен исход од тие разговори, со цел сите заедно да може да продолжиме со градење на коалиција што се залага за европска Македонија и ќе обезбеди влез на Северна Македонија во Европската унија до 2030 година“, порача Ковачевски.

Лидерот на Алијансата за Албанците (АА) денеска во Гостивар изјави дека преговорите за влез на неговата партија во владината коалиција се при крај и најверојатно ќе завршат до утре, нагласувајќи дека повеќето прашања се затворени и дека се договорени „поголемиот дел од работите“.

„Се надевам дека денеска или утре конечно ќе ги завршиме прегорите за евентуалниот влез во Владата и тоа официјално ќе го објавиме“, рече Таравари. Од Алијансата се уште не откриваат кои места ги добиле во партискиот пазар, но неофицијално се дознава дека веќе се договорени министерствата за здравство и за правда и дека со ресорот правда дефинитивно ќе раководи генералниот секретар Кренар Лога, а за „здравство“ повеќе лекари се во игра, меѓу кои инфектологот Фадил Цана. За третото министерство што треба да го добие АА има повеќе комбинации и ќе зависи од тоа дали Алтернатива ќе остане во Владата. Во игра е екологија, со кое раководи ДУИ, но ако Алтернатива ја напушти Владата, тогаш АА го добива ресорот информатичко општество и администрација. Можно е Ковачевски да понуди креативно решение, односно АА наместо министерско, да добие вицепремиерско место, и тоа за странски инвестиции од дијаспората, а ќе се укине министерството за  дијаспора.

АА добива две места заменик-министер, и тоа за одбрана и за земјоделство. Од директорските места АА најверојатно ги добива МЕПСО и ПИОМ, MЖ-Транспорт, што сега се под капата на Алтернатива. Од инспекторатите АА ќе раководи со Просветниот инспекторат, а добива и заменик директор во УЈП и раководна позиција во Царина. Впечатливо е дека најголем дел од кадровските решенија за АА се од „колачот“ на Алтернатива.