ИИССС: Да се воспостави регионален механизам за енергетска и економска координација на Западен Балкан
Институтот за меѓународни стратегиски и безбедносни студии (ИИССС) преку соопштение излезе со итни мерки за ублажување на инфлацијата предизвикана од енергетската криза и новонастанатите безбедносни ризици во Македонија.
Од ИИССС посочуваат дека ескалaцијата на нестабилноста во глобалните синџири на снабдување со енергија, посебно поврзана со состојбите во Персискиот заливот, започнува да се прелева во зголемени трошоци, инфлаторни притисоци и растечка економска неизвесност низ целата Европа, вклучително и на Западниот Балкан.
Македонија се соочува со комбинирани ризици: нестабилност на цените на енергијата, намалена куповна моќ на граѓаните и потенцијални секундарни безбедносни притисоци, вклучително и зголемени илегални миграциски текови и можни социјални тензии.
Без итна и координирана политичка акција, овие притисоци може да еволуираат кон поширок економски, политички и безбедносен предизвик во следните 3 до 6 месеци, предупредуваат од ИИССС.
Според институтот, како главни ризици се забрзана инфлација бидејќи растечките трошоци за енергија директно се прелеваат во цените на храната, транспортот и основните производи; потоа, економско забавување бидејќи зголемените оперативни трошоци за бизнисите ја намалуваат конкурентноста и растот; ранливост на енергетското снабдување поради преголема изложеност на надворешни шокови без доволни заштитни механизми; миграциски притисок и социјални тензии, бидејќи намалениот животен стандард го зголемува незадоволството и внатрешниот притисок.
Од ИИССС препорачуваат и сет мерки. Како итни (0 до 30 дена) ги посочуваат активирањето и проценката на националните енергетски резерви и механизмите за итно снабдување; иницирање брза координација со регионалните партнери за споделување енергија и планирање итни сценарија; воведување привремени, таргетирани субвенции за критичните сектори (транспорт, производство на храна, основни услуги); и формирање владина оперативна група за следење на движењата на цените и нарушувањата во снабдувањето.
Како краткорочни мерки (1 до 3 месеци) се наведуваат диверзификација на краткорочните канали за набавка на енергија со цел намалување на зависноста; имплементација на привремени механизми за стабилизација на цените на основните производи; зајакнување на капацитетите за контрола на границите и следење на миграцијата во координација со регионалните актери; и поддршка на клучните индустрии преку даночни олеснувања или оперативна поддршка со цел спречување на економското уназадување.
Од ИИССС даваат и стратегиска препорака, во која се посочува потребата од воспоставување регионален механизам за енергетска и економска координација на Западен Балкан (или барем во рамките на Отворен Балкан), насочен кон заеднички одговор на кризи, планирање на заеднички резерви и усогласено политичко делување со цел намалување на регионалната ранливост на надворешни шокови. Исто така, земјите од Западниот Балкан (или од Отворен Балкан) треба веднаш и заеднички да го активираат механизмот за цивилна заштита на ЕУ, со цел да се вклучат и кон заедничкиот европски одговор на кризата и тоа на сите нивоа на информирање, управување и одлучување.
Неуспехот да се дејствува во тековниот временски прозорец значително ќе ги зголеми и економските и политичките и безбедносните ранливости, преобразувајќи го надворешниот шок кој што може да се менаџира во сериозна внатрешна криза, предупредуваат од ИИССС.