ИФИМЕС: ЕУ воведува квази визен режим за Западен Балкан


Имплементацијата на системот ETIAS  од страна на ЕУ значи дека граѓаните од која било земја од Западен Балкан ќе треба да пополнат посебен формулар за апликација и да добијат одобрение пред да влезат во земјите членки на Унијата. Ова ефективно воведува нов електронски квази-визен режим, за разлика од сегашното безвизно патување во кое уживаат граѓаните од Западен Балкан, оценува ИФИМЕС во својата најнова анализа посвтена главно на Србија.

„Овој потег го поништува кандидатскиот статус на овие земји, бидејќи нивните граѓани ќе се соочат со истите услови за влез како и патниците од трети земји. Наместо да го имплементира ETIAS, ЕУ треба да го прекине неговото воведување за земјите од Западен Балкан и да одлучи да го забрза нивниот пристап. Регионот на Западен Балкан, со население од 16 милиони – нешто повеќе од една третина од населението на Полска – не може да ја загрози интеграцијата на вкупното население на ЕУ од 450 милиони.

Според ИФИМЕС, ETIAS претставува уште една стратешка грешка на ЕУ во однос на Западен Балкан, поттикната од кратковидоста на бриселските функционери кои смислуваат такви мерки, незнаењето на водечките европски политичари кои покажуваат мал интерес за проширувањето и снисходливиот, често понижувачки став кој често се покажува кон регион.

„Во меѓувреме, Русија и Кина внимателно ги набљудуваат овие случувања, одговарајќи со пресметани, а понекогаш и агресивни акции. Иако ETIAS првично беше закажан за воведување во 2022 година, неговата фазна имплементација е одложена за 10 ноември 2024 година, а целосната имплементација сега се очекува до средината на 2025 година. Од суштинско значење е неговото воведување уште веднаш да се суспендира, бидејќи во спротивно, тоа би претставувало казна  од ЕУ за Србија и Западен Балкан“, пишува ЕФИМЕС.

ЕТИАС треба да  им помогне на земјите-членки на ЕУ „подобро да ги проценат потенцијалните ризици“ кога патниците ги преминуваат границите. Ако се појават какви било прашања во текот на процесот на верификација на податоците или ако има несовпаѓања помеѓу одговорите на апликацијата и информациите од безбедносните бази на податоци, барањето за влез во ЕУ може да биде одбиено или може да се бараат дополнителни информации. Апликацијата ќе треба да содржи детали за сите кривични пресуди, минати патувања во воени или конфликтни зони и дали апликантот неодамна бил предмет на одлуки со кои се бара да ја напушти територијата на која било земја. За граѓаните на Западен Балкан, одредени прашања поврзани со безбедноста во апликацијата ETIAS и Шенген зоната, особено во врска со вмешаноста во вооружени конфликти, геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства, истраги или гонења, може да претставуваат предизвици. Од апликантот ќе се бара да изјави дека дадените информации се точни. Тие, исто така, мора да потврдат дека ги разбираат условите за влез во европските земји за кои е потребен ETIAS и дека од нив може да се бара да дадат придружни документи секогаш кога ќе ја преминат надворешната граница. Наведената цел е спречување на меѓународниот криминал и тероризам и новината ќе се наплаќа.

Експертите предупредуваат дека времето на чекање на граничниот премин може да се зголеми, бидејќи сегашното просечно време за обработка на податоците за патниците е 45 секунди, но со имплементацијата на новиот систем тоа може да се прошири на две минути. Се очекува системот да го подигне нивото на безбедносни проверки за патниците кои влегуваат во ЕУ без визи.