Идната недела Градот ќе добие лиценца да ги грее скопјани


Фото: Б. Грданоски

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов очекува во текот на наредната недела да биде формализирано барањето за добивање лиценца за дистрибуција со топлинска енергија на новото претпријатие АД „Градски енергетски системи“, додавајќи дека ќе се намали цената на овој енергенс.

– Одлуките на Советот на Град Скопје и на Акционерското собрание беа изминатиот четврток, се изработуваат, се објавуваат во јавното гласило и претставуваат правен основ да се јави „Градски енергетски системи“ пред надлежните комерцијални банки. Кога ќе се направи тоа, во текот на наредната недела очекувам дека ќе биде веќе формализирано барањето за добивање лиценца за дистрибуција – рече Шилегов.

Градоначалникот Шилегов смета дека ќе дојде до намалување на цената на парното.

– Очекувам дека ќе дојде до намалување на цената, со оглед на тоа што Градот во изминативе две години работи со една поинаква филозофија, а тоа е филозофија на добар стопанственик и на економично работење и јавни набавки во рамки на Градот. Сите постапки што сме ги воделе се во просек за дваесетина проценти поевтини во однос на минатото – вели Шилегов.

Со оглед на тоа дека во претпријатието ќе има 110 нови вработувања и дали е можен трансфер на вработени од локалната самоуправа или администрацијата, Шилегов рече дека тоа е неопходниот минимум што треба да работи во првата фаза.

– Тоа е неопходниот минимум што треба да работи во делот од првата фаза, тоа е дистрибуцијата на топловодната енергија. Тоа е прашање кое тековно ќе се решава, може да се реши и од постојниот кадар кој работи во рамки на БЕГ, но и од административните кадри, иако таму е потребно повеќе стручна, а не административна работа – појасни Шилегов.