Ибраими: Арачиновци не се виновни за неплаќањето данок


Градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими денеска на прес-конференција информира дека извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) се однесува на 2021 година, кога општината ја предводела тогашната градооначалничка Милекие Халими.

-Мора да се потенцира дека извештајот од ДЗР е за претходниот градоначалник и претходните управители кој што биле должни да управуваат со нашата општина. Сè што стои во извештајот е дека претходната градоначалничка на тој начин ја водела општината, рече Ибраими.

Според него, вината за неплаќање данок на имот, не треба да се бара во жителите, туку во претходното раководство на општината.

-Не е вината во граѓаните, туку во луѓето кои што управувале со општината. Тие не успеале да направат програма, ниту дата база. Општината нема податоци за недвижнини и дивоградби. Има 15% граѓани кои што доброволно дошле, подигнале решение и веќе имаме уплатени решенија за данок на имот, обелодени денеска Ибраими.

Со извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност кај општина Арачиново, сметка на основен буџет (630) за 2021 година, ДЗР констатира дека општината не водела регистар на недвижен имот, не издавала решенија за задолжување за данок на имот на физички и правни лица, а данокот на промет на недвижности и данок на наследство и подарок не се утврдувале согласно Методологијата за утврдување на пазарната вредност;

-Општината не остварува приходи по основ на: комунална такса на фирма, комунална такса за користење на музика во јавните локали, комунална такса за истакнување на реклами, објави и огласи на јавни места и приходи од надоместок за уредување на градежно земјиште; не е воспоставена аналитичка евиденција на побарувањата за физички и правни лица со соодветна поткрепувачка документација, не е утврден основот за нивно постоење и можноста за нивна наплата, се вели меѓу другото во ревизијата на ДЗР.