И ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави пресудата за Мијалков
СДСМ ги поздрави пресудите денес во случајот „Таргет-Тврдина“ порачувајќи дека правдата е тука и дека таа е потврда дека е завршено времето на партизираното судство, времето кога некои беа над законите.
„Во Република Северна Македонија се случува правда, законите важат за сите подеднакво.Изречена е првата пресуда за нелегалното прислушување што Сашо Мијалков и врвот на ВМРО-ДПМНЕ со години го практикувале. Со ова, стигна правдата за над 20.000 граѓани, кои незаконски биле прислушувани со години, само затоа што не мислеле и делувале како врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа пресуда е силен удар кон остатоците на режимот на ВМРО-ДПМНЕ спроведуван од Груевски, Мијалков, Јанкуловска и многу други, кој сѐ уште вирее во Белата палата.
Очекуваме и сите други случаи и предмети, покренати од Специјалното јавно обвинителство и од другите обвинителства кои се водат во судовите, да добијат разрешница и одговорните да бидат соодветно казнети.Со денешната пресуда паднаа во вода сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ и потрчкото на Мијалков и Груевски, Христијан Мицкоски. Денеска Мицкоски доживеа уште еден пораз, повторно не успеа да го одбрани криминалот во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа беше единствената негова улога за којашто беше поставен токму од Груевски и Мијалов на чело на ВМРО-ДПМНЕ“, порачаа од СДСМ заклучувајќи дека повеќе нема недопирливи и поединци над законите.
„Денес има силна, ефикасна правна држава која ги спроведува законите и испорачува правда за сите подеднакво“, реагираа од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ исто така го поздравија овој чин бидејќи со пресудата за Мијалков им се сечат „крилјата“ на иницијаторите на вонредниот конгрес. Сепак, тие забележаа дека пресудата е донесена под жесток притисок на јавноста, опозицијата и меѓународниот фактор.
„Го поздравуваме секој чин кој значи спроведување на правда, вклучително и оваа пресуда. Лошо е што поради криминалите на Мијалков во затвор заглавуваат и луѓе кои се колатерална штета.
Ова е пресуда донесена под жесток притисок на јавноста, опозицијата и меѓународниот фактор. Тоа е и причината поради која навидум пропадна првата фаза од договорот Заев – Мијалков со кој удрија шлаканица на правдата, иако постојат индиции дека можно е Апелацискиот суд да одлучи и поинаку, бидејќи таму Заев има силно влијание. Таа жалбена постапка ќе трае околу една ипол година. Затоа оваа одлука околу која власта крева еуфорија е со цел да ги прикрие затколисните договори, па затоа чесно е да се каже дека таа не е се уште правосилна. Воедно на осудениот Мијалков му беа овозможени услови какви што немаше ниту еден друг бегалец од правдата. Потсетуваме дека потребно е дополнително сериозно да се разгледаат прекршувањата на постапката. Како лице со меѓународна потерница а денес осуден криминалец му беше доделен куќен притвор. Какви договори и повластици има зад сето ова, најдобро може да сведочи Заев.
Правда мора да има. Договорите Заев – Мијалков не смеат да ја погребаат правдата“, порача Дафина Стојановска во име на ВМРО-ДПМНЕ.